Велика Британија очекува „привилегираната“ трговија со САД да продолжи по пресудата за царините


Министрите очекуваат „привилегираната трговска позиција на Обединетото Кралство со САД“ да продолжи откако царините на американскиот претседател Доналд Трамп беа поништени од Врховниот суд на земјата.

„Реципрочните тарифи“ на Трамп, воведени на поголемиот дел од светот минатиот април според законот за вонредни овластувања, денеска беа поништени од Врховниот суд на САД.

Велика Британија ја доби најниската царинска стапка од 10 проценти, а последователниот договор склучен меѓу британскиот премиер Кир Стармер и Трамп предвиде дополнителни исклучоци за британската челична индустрија и производителите на автомобили.

Денешната одлука иницира прашања за тоа дали тие договори сè уште важат, иако официјалните лица веруваат дека тоа нема да влијае на поголемиот дел од трговијата на Обединетото Кралство со САД, вклучително и повластените договори за челик, автомобили и фармацевтски производи, пренесе ДПА.

– Ова е прашање за кое треба да одлучат САД, но ние ќе продолжиме да ги поддржуваме британските бизниси додека се објавуваат дополнителни детали. Обединетото Кралство ужива најниски реципрочни царини на глобално ниво и под секое сценарио очекуваме нашата привилегирана трговска позиција со САД да продолжи, изјави портпаролот на британската Влада.

САД собраа повеќе од 133 милијарди долари откако Трамп ги воведе царините, но сега се соочуваат со перспективата да мора да им ги вратат тие пари на увозниците. Денешната одлука, донесена со мнозинство од 6 спрема 3 гласа, утврди дека законот од 1977 година не му дава на Трамп моќ да воведува царини без одобрение од Конгресот на САД.

Вилијам Бејн од Британските трговски комори (BCC) предупреди дека Трамп би можел да користи други законски решенија за повторно воведување на царините, нагласувајќи дека приоритет за Британија останува нивното намалување каде што е можно.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close