(ВИДЕО) 360° Ковид-сведоштва: Право на здравје заробено во протоколи

„Јас сакам само правдината да ја најдам за мојот маж. Четириесет години заеднички живот. Згасна за 21 ден“,

вели Сунчица Трендафиловска од Куманово.

Надлежните тврдат дека здравствениот систем функционира, но се повеќе граѓани се жалат дека болните од ковид-19 не ги добиле правата што им следуваат.

„Како медицинскo лице помагам на милион луѓе, на крајoт мојот маж го оставив да отиде буквално како куче“,

вели Трендафиловска.

„Во отпусното писмо нема наведено причина за смрт. Само време пишува, на тоа сме оставени“,

вели синот, Филип Трендафиловски.

Во соработка со колеги од Србија, дојдовме до сознанието дека и преку границата има многумина кои тврдат дека системот потфрла.

„Тие навистина индивидуално си ја работеа работата како што треба, но системот колабираше“,

вели жител на Ниш.

Дали сите болни од ковид-19 добиваат еднаков третман или системот и во Србија и во Македонија ги крши правата на некои пациенти?

Многу болни од ковид-19 доцна се јавуваат на лекар, е едно од најчестите објаснувања на лекарите и Министерството за здравство на прашањето – зошто има толку смртни случаи. Поради тоа решивме и самите да го изодиме патот што го поминуваат болните, зашто, пак, пациентите тврдат дека системот е спор.

Прв чекор – побаравме тест преку матичниот доктор.

„Се јавувам да прашам за тестирање за ковид-19. Имав контакт со заболено лице пред околу една недела. Имам кашлица, омалаксаност, главоболка…“

му објаснувам на матичниот лекар.

Во телефонскиот разговор направен на 24 ноември со мојот матичен доктор добив одговор дека нема термини за ПЦР тест за ковид-19 преку моето здравствено осигурување. Ако инсистирам на тест „на државно“, советот беше да се јавам во понеделник, на 30 ноември, за повторно да се проверат термините.

„Можам да ви го посочам приватниот, тој што се плаќа во Центарот за јавно здравје“,

вели матичниот лекар.

Бидејќи никој со температура и симптоми не би чекал повеќе од една недела само за тест, веднаш се обидов да закажам термин во Центарот за јавно здравје, каде тестот би го платила од џеб. Ама и за таму се чека една недела.

-Прв слободен термин за приватно тестирање имате вторник, цената е 2 800 денари.

-Следниот вторник?

– Да

велат од Центарот за јавно здравје.

Единствената преостаната опција беа приватните болници и лаборатории, каде тестот чини до 4 000 денари. Веднаш најдов термин, а резултатите стигаат најдоцна за 24 часа.

-Било кое време можам да закажам?

-Па, да кажете во колку, ќе закажеме има слободно.

-Ви благодарам.

Без направен тест и без преглед, добив уверување од матичниот доктор дека може да ми препише антибиотик  – сумамед, а дополнителните тестирања, како за Д-димери, морам да си ги платам сама.

Дека не станува збор за моја несреќа, потврдува и претседателката на Здружението на приватни лекари.

Чолакова-Дервишова признава и дека многу нејзини колеги „лечат“ по телефон, но дека тоа не е секогаш оправдано и исправно.

„Не може да не го примите. Мора да слушнете дали има бронхопневмонија, дали му се влошува состојбата. Телефонски не може да лекувате. Не може да следите луѓе по 20 дена дома. Велат, тешко ми е, викни Ирза помош да ми мери сатурација. На одделенијата кога сме сакале да ги пуштиме, не прашуваат дали е тестиран. Значи, ние немавме доволно алатки“,

вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова

Регуларниот пат за еден пациент да стане кандидат за хоспитализација е неговата состојба да се влоши. Тогаш матичниот лекар се јавува по болници и бара слободен кревет. Но, и тоа оди се потешко, особено ако пациентот не е тестиран за ковид-19.

-Се случувало ли болниците да вратат пациент?

-Не можам да кажам значи, примале, секој што е ќе го примат и прегледаат, но се случувало ако нема доволен број на кревети, да се даде инфузија да се освежи и да се пушти. Некои од нив стануваат подобри, но се случува најчесто оние со дијабет, со коморбидитети, тешко дека ќе му биде подобро само со една инфузија. Така што, само што ќе го вратите, по неколку часа, него пак му е лошо, пак барате кревет, пак за истиот пациент викате брза помош, пак телефони. Тука се исцрпивме сите околу телефоните, никој од нас нема проблем со нашата професионална работа, но телефоните не уништија,

вели Чолакова-Дервишова.

Во Итната помош телефоните не престануваат да ѕвонат.

Поради напливот на болни, за транспортот на пациенти е ангажирана и армијата.    

„Ниту еднаш досега не е одбрано каде ќе се оди, каде нема ќе се оди. Се одбира дали е ургентна состојбата или не е ургентна“,

Проблем за Итната помош е што нема дигитален систем кој покажува во која болница има слободен кревет. Па службите и самите постојано вртат телефони по болници за да најават дека носат итен случај.

Ако лицето е позитивно на ковид-19, со Брза помош се носи до инфективните одделенија, а ако нема направено тест, се транспортира до тријажен центар. Критиките дека Итната помош знае да доцни со часови или да не се јавува, според раководителката Милица Бубало, се неосновани.

„Пациентите не чекаат премногу време, воопшто. Зависи од тријажниот центар. Ние може да го најавиме пациентот и да дојде, но немаме контрола на пациентите што сами доаѓаат со свои возила во тој тријажен центар и во тој случај се создава гужва. И тогаш може да се почека некое време“,

вели Бубало.

Ако не сте доволно итен случај за да добиете транспорт со Итна помош, пред ковид-амбулантите се доаѓа и во сопствена режија. А таму, нема ред.

„Чекам веќе од 6 сабајле, вртев сабајле на Брза Помош, велат дека немаат амбулантни возила, одете велат во тријажните центри. И на клиника и тука се чека по три саати. Јас сум со бронхопневмонија и температура, нема кој да ме прегледа, буквално нема кој да ме прегледа. Не сакам да одам во приватно здравство, од принцип. Затоа што плаќам цел живот здравствено осигурување, за ова, за да чекам надвор и да нема кој да ме прими? Срамота“,

вели Ана Јанкуловска од Скопје, додека чека ред за преглед во ковид-амбулантата.

Шаторот кој требаше да биде чекална пред тријажниот центар во болницата „8 Септември“ е празен. Турканиците се на главниот влез од амбулантата, а во борбата да се стигне побрзо до преглед, не важат правилата за држење дистанца.

„Денес можам да кажам дека има најмалку, иначе овде знае да има по 50-60 луѓе“,

вели Гордана Билинска од Скопје.

Ако со прегледот докторите проценат дека пациентот е за в болница, тоа не значи дека автоматски следува хоспитализација. Таков бил случајот со член на семејството на Гордана Билинска од Скопје.

„Многу тешко. Не можеш до кревет да дојдеш. Се ослободи едно место и одма Брза помош и право таму“,

вели таа.

Патот кој го изодевме ни покажа дека е речиси невозможно човек навреме да се јави во болница. А во болниците, капацитетот е под страшен притисок.

Според бројките на Институтот за јавно здравје, на крајот на јуни во болница биле 354 ковид-19 пациенти. На крајот на овој месец има четирипати повеќе пациенти – 1 346 лица.

Како што се зголемува бројот на пациенти во болниците, така се множат и обвинувањата дека не секој пациент добил шанса да се избори за живот.

Наместо во подготовки за веридба за најмладиот син, семејството Трендафиловски од Куманово тргнува во битка за правда.

„На упатот пишуваше – „пратен пациент за Скопје без најава затоа што никој не се јавува“. Никој. Кога стигнавме на Инфективна клиника во Скопје цел час седевме пред врата на Инфективна клиника – брзата помош, сестра, доктор, јас и четири коли позади мене – цела фамилија. + Докторот доаѓа, го прегледува и кажува каква е клиничка слика на докторка во “8 Септември“ таа одбива да го прими со зборовите: вчера вие вративте тројца, денеска ние ќе ви вратиме“,

вели Сунчица Трендафиловска.

Додека да заврши протоколот за преглед, тестирање и сместување во болница, Трендафиловски велат дека изгубиле повеќе од 6 часа. Но, тука не застанале маките.

„Напишал порака – ќе се смилува ли некој да ми даде вода… два дена капка вода никој не ми дава. Јазикот ми е ѓон. Имам слики каде се има сликано тој. Со испружен јазик, вика да ме видиш – како сум најаден, напиен и избричен. Дали тие слики некогаш некој ќе ги тргне од телефонот?“,

вели сопругата на Зоран Трендафиловски.

„Целиот тој период откако кога го спуштија на интензивна нега, никој не ни се јави ништо да ни каже. Сите информации ги добивавме од приватни контакти“,

вели синот, Филип Трендафиловски.

По неколку дена без никаков контакт, Трендафиловски добиле повик дека Зоран починал.Откако го погребале, им биле вратени туѓи документи од друг починат пациент. Отпосле дознале и дека девет дена пред да почине, добил негативен тест на вирусот.

„Зошто ние не го видовме кога тој е негативен деветти ден, што закопавме? Кого ставивме?“,

вели Сунчица Трендафиловска.

Во јавност има и други семејства кои се жалат дека не биле примени во болница, дека нивните блиски не добиваат кислород, дека лежеле во болнички кревет покрај починати лица.

Вкупно триесетина вакви предмети веќе испитува Државниот здравствен и санитарен инспекторат, но засега не го откриваат епилогот – дали нечии грешки или системски недостатоци довеле до загуба на човечки животи.

„За да има казна, за да има завршеток една цела постапка мора да се утврди вина по кој член од закон. Секој член носи посебна глоба, дали се работи за парична или се работи за изрекување или почнување постапка за изрекување кривична или прекршочна одговорност. Затоа, тие стручни надзори некогаш подолго траат, бидејќи завршницата на дел од нив можеби ќе биде судска. А, за да се докаже дека има основа за прекршочна или кривична постапка, сите знаеме дека тоа е малку подолготраен процес“,

вели директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, д-р Ирина Сотирова-Бухова.

Во Србија, за разлика од Македонија, ПЦР тест за ковид-19 може да се прави само во јавните здравствени установи. Во приватните е забрането. Официјално, нема недостаток на тестови, а од праксата не може да се добие независен впечаток.

Пациентот кој има симптоми оди директно во ковид-амбуланта, а не на матичен лекар. Јавно, никој не соопштува по кој алгоритам се одлучува кој се тестира, а кој не.

Но, како и во Македонија, може да се прави ПЦР тест по сопствена иницијатива во државното здравство, но со пари. Пациентот треба да се појави на тестот со платена уплатница од 6 000 динари, односно 3 000 денари.

Откако ќе стигне позитивниот резултат, следува нов проблем – да се дојде до место во болница. Жител на Ниш, пред камерата на „Јужне вести“, раскажа дека неговиот татко не бил згрижен во Инфективната болница уште на почетоците на епидемијата, иако имал упат.

„На Инфектологија тогаш немаше место, па доби упат за Пулмологија за хоспитализација. Во тој момент имаше сатурација 85, со што му требаше кислородна поддршка.Секако, на пулмологија има многу гужва, доаѓаат од сите краеви на јужна Србија. И од пулмологија му викаат да се врати дома. Јас ја изгубив довербата веќе четвртиот ден од кога се ова почна, бидејќи ти на  телевизија слушаш едни податоци, доаѓаш дома имаш човек на смртна постела и сфаќаш дека се било апсолутна невистина“,

вели жител на Ниш.

Во Србија, во моментов, во болница се над 7 000 пациенти, што е повеќе по глава на жител отколку во Македонија. Капацитетите во Белград и во централна Србија се до толку полни што таму се примаат само најтешките случаи. Полесните случаи и оние кои се во фаза на оздравување, се префрлаат и стотина километри подалеку, во привремените болници во Ниш и во Крагуевац.

Лекарите од здружението „Обединети против ковид“ со месеци го критикуваат начинот на кој власта се справува со епидемијата и велат дека се дојдени во ситуација да одбираат – кому ќе му помогнат, а кому не.

„Се случи еднаш да се најдам во ситуација како дежурен анестезиолог и лекар во ковид-одделот за интензивна нега да немам можност да ги згрижам сите пациенти на кои им треба респиратор. Зошто? Затоа што интензивната нега која брои 8 кревети во Краљево беше полна, одамна кон Белград и Крагуевац пациентите не можат да одат, минатото дежурство успеавме двајца да испратиме за Ниш и со тоа направивме простор, овој пат не можевме ниту за Ниш. Чувството кое ќе го носам од утре, а вечер повторно сум дежурен..многу се плашам што таму ќе ме чека“,

вели анестезиологот Раде Паниќ.

Дополнителен проблем во Србија е што тамошната влада веќе беше фатена како ги намалува бројките и за заразени и за починати од ковид-19. Сега тешко е да се каже кој и колку и верува за актуелната состојба.

Во Македонија се говори послободно, но тоа не го менува фактот дека проблемите се исти. Не е проблем да се направат привремени ковид центри, но нема кој да работи во нив. Ако се префрлат доктори од други области, нема да има кој да ги лечи другите пациенти.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close