(ВИДЕО) 360° Потресни сведоштва за семејно насилство и инертни институции за време на ковид-кризата

„Почна прво со боксови и шлаканици по лицето, со гасење цигари. Бев врзувана за левата нога и за десната рака позади грб. Тепана и малтретирана до смрт“,

вели жртва на семејно насилство.

Карантинот и полициските часови им паднаа тешко на многу граѓани, но меѓу оние што страдаа најмногу се жртвите на семејното насилство.

„Него го извадија на балкон, мене ме прашуваат како ништо да не било. ‘Е де, ништо не ти е’, цитирам“,

вели таа.

Институциите признаваат дека кризата со ковид-19 го зголеми семејното насилство, но, како што велат, одговориле соодветно.

„Полицијата постапува според законите“,

уверува Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

„Треба да направат разлика што е вербална расправија, нетрпеливост, а што е семејно насилство“,

вели Наташа Станоевиќ, директорка на Центарот за социјална работа во Скопје.

Зошто тогаш жртвите бараат помош и кај невладините организации?

„Жртвите коишто доаѓаат кај нас многу често ни кажуваат дека не се окуражени од центрите за социјална работа да ја продолжат постапката“,

вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во очекување на новиот бран на коронавирусот, кои се лекциите за спречување и справување со семејното насилство од првиот?

Ако имаше Нобелова награда за издржливост, сигурно ќе ми ја доделеа мене, но не се гордеам со тоа – вака накратко ја опишува својата голгота пензионерка од Македонија раскажувајќи за децениската семејна тортура.

„Бев заклучена во гаража, на минус 5, снег, ладно, секој ден бев тепана и малтретирана.  Децата ми викаа: ‘Mамо, зошто го трпиш?’ Не одговарав, а се срамев од себеси, знам дека јас сум виновникот. Зашто знам дека сум крива што не сум храбра да го пријавам уште еднаш и да се тргнам од тој човек“,

раскажува таа.

По многубројни кривични пријави, затворски и условни казни, вели, сопругот сè уште ја следи како сенка.

Последниот инцидент бил за време на полицискиот час. Овој пат помош барал нејзиниот син. Во раните утрински часови чекал на улица да наиде полициска патрола.

„Него го извадија на балкон, мене ме прашуваат како ништо да не било. ‘Е де, ништо не ти е’, цитирам. ‘Е де, голема работа’. ‘Е па сега, се знае, кај се видело маж и жена 24/7 да бидат дома’“,

раскажуваа таа.

Во присуство на сопругот дала согласност за уште една кривична пријава. А за тоа, има процедура.

„Ми рекоа да одам сабајлето, тоа беше веќе 5 саат сабајле, да одам во болница за да извадам лекарско и си отидоа. Мислев дека ќе го соберат како минатиот пат, но го оставија тука. Замислете што сè тој можеше да направи тука – и на мене и на детето“,

вели таа.

Според Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, полицијата е должна да процени колкав е ризикот жртвата да остане под ист покрив со оној што го пријавила за насилство. Заедно со тим социјални работници, треба да ѝ понудат засолниште, правна и здравствена заштита. Ненавремената или погрешна реакција може да има фатални последици.

А дека неретко се случува семејното насилство да заврши со убиство, сведочат од Хелсиншкиот комитет, невладина организација која им помага на жртвите на семејно насилство.

„Кај нас, иако сме мала држава, има исклучително висок број на фемициди. И во речиси сите случаи ние сме утврдиле дека на насилството, пред да настапи смртта, односно убиството, му претходеле пријавувања од страна на жртвата, но не биле преземени соодветните мерки за жртвата да се заштити. Многу е свеж примерот во гостиварско село, каде што една млада жена беше убиена со секира од нејзиниот сопруг. Дури и во тој случај, од информациите што ние ги имаме, утврдивме дека и во тој случај имало пријавувано инциденти, односно насилство врз жената. Значи, повторно не се проценило дека може да дојде до смртни последици. Тоа значи дека постои аномалија во системот“,

вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

Аномалијата за која говорат од Хелсиншкиот комитет може да се види од статистиката што „360 степени“ ја обезбеди од МВР.

Во вториот квартал од годинава, април-јуни, период во кој имаше најмногу денови со полициски часови, полицијата регистрирала рекорден број т.н. поплаки – 985, што е за 34% повеќе од истиот период лани и дури 50% повеќе споредено со преклани. Но, апсурдно, бројот на кривични дела поврзани со семејно насилство се намалил споредено со истиот период во изминатите две години.

Бидејќи кривична пријава може да поднесе полицијата, кога ќе процени дека жртвата има потешки телесни повреди или самата жртва, кога повредите не се доволно тешки, може само да се претпостави – или дека карантинските „поплаките“ биле за караници или дека од страв и безизлез жртвите не поднесувале кривични пријави.

Од МВР тврдат дека никој не бил оставен на „цедило“ и дека мерките зависат од тежината на повредите кај жртвата.

„Секој случај е различен. Според тоа каква е тежината, доколку имаме видливи телесни повреди, тогаш се постапува како пријава, доколку е вербално насилство, тогаш одиме како поплака“,

вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Доколку полицајците постапиле спротивно на законот, Ангеловски вели дека имаат постапка за жалби.

„Полицијата постапува според законите. Доколку некој има какво било спротивно тврдење и има поплака за постапување на полицискиот службеник, имаме Оддел за внатрешна контрола каде што треба да се пријави тој случај и доколку тој постапил спротивно на законите, тогаш тој ќе биде санкциониран. Но, ние во последните години многу вложуваме во обука и тренинг на полициските службеници, пред сè околу постапувањата со овие кривични дела“,

вели Ангеловски.

Во одлуката и правната битка дали кривично да се пријави насилникот и како десна рака на жртвите треба да им биде Центарот за социјална работа.

„Глупост. Извинете. Глупост. Тоа е папирологија. Ги прашав во социјално, зошто не ми помогнете. Тие ви кажуваат само тој прифатен центар, та прифатен центар. Што од тој центар?! Значи треба да ни понудат било каква работа. Јас не барам милостина да ми дадат“,

вели една од жртвите на семејно насилство.

Но, поплаки дека Центарот е тромав во постапувањето не стигнале до надлежните.

„Јас не знам, еве како директор на оваа установа, до мене не дошла ниедна жена да се пожали на вакво нешто. Бидејќи странките кога се незадоволни, нели бараат прием кај директорот. Меѓутоа, ниедна жртва на насилство не дошла да ги каже овие проблеми. Повторно ќе кажам, повици има најмногу ноќе, за викенд, на сите повици е одговорено, таму каде што треба е веднаш излезено и е постапено и е пружeна соодветната заштита од наша страна и од страна на МВР“,

вели Наташа Станојевиќ, директорка на Меѓуопштински центар за социјални работи на град Скопје.

За Станојевиќ проблем не е неажурноста на системот, туку оние што толерираат насилството.

„До тие смртни случаи често доаѓа бидејќи жртвите се многу колебливи. Ќе покренат постапка пред надлежен центар, па ќе се видат со сопругот, кога тој ќе напише изјава и ќе вети дека нема да го повтори насилството, тие се враќаат во средината и повторно се случува насилство, а се случуваат и убиства. Треба да ги охрабриме жртвите постапките да ги тераат до крај“,

вели Станојевиќ.

Но, фактот што многу жртви бараат помош од невладиниот сектор наместо во институциите говори за нешто друго.

„Жртвите што доаѓаат кај нас, многу често ни кажуваат дека не се окуражени од центрите за социјална работа да ја продолжат постапката. Се наоѓаат како други форми, се предлагаат други форми – да седнеш да разговараш да се обидеш да ја надминеш таа состојба во твоето семејството. Излегува, на крајот, дека жената е таа што е заслужна за мирот и хармонијата во семејството“,

вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

На неколку стотини страници, со еден куп тужби и лекарски потврди од разни телесни повреди, испишана е и друга животна приказна.

„Над 20-годишна битка, за жал. Насилство, уцени, рекет, понижувања, малтретирања“,

раскажува друга жена жртва на семејно насилство.

Судска разрешница имало само за две од кривичните пријави. Еднаш поранешниот сопруг добил ослободителна пресуда, вториот пат е условно осуден.

„Борбата е долгорочна. Тоа е всушност еден непрекинат круг, лавиринт, бесконечен“,

вели таа.

Во обид да најде заштита, избегала во странство. Но, во отсуство е осудена за одземање малолетник и завршува во затвор. За брзо време излегува на слобода, но последиците од долгогодишната тортура се несогледливи, особено врз нејзиното дете.

„Детето има симптоми кои се очигледно поврзани со стресот, и тековните стравови како кошмари и лош сон. Тој сè уште моча во кревет, што обично завршува кај деца со многу помала возраст, што е чист знак на сведочење на насилство во домот. Тој има проблем со регулирање на своето расположение со големи експлозивни испади како последица на ова. По ова, тој може да стане насилен и тешко може да му се помогне во тоа“,

пишува во едно од лекарските уверенија за нејзиното дете.

Семејното насилство не е запишано како посебно дело во Кривичниот законик, туку е впишано во дела како нанесување телесни повреди, присилба, убиство и загрозување на сигурноста.

А колку се казнува, говори статистиката – од 374 правосилни предмети на подрачјето на Скопје во последните пет години, само во 68 има казна затвор за насилникот, во 188 случаи тој е условно осуден, 46 постапки се запрени, а другите завршиле со глоба, задолжително советување и друго.

„Правдина што доцни веќе не е правдина. Жал ми е за тие што грешат, за тие што огрешиле што донеле погрешни одлуки против мене. Тие се за жалење“,

вели таа.

Оние што се охрабриле да водат постапка, не се откажуваат од битката бидејќи, како што велат, ништо не може да биде полошо од она што веќе го доживеале.

„Мајки, сестри, жени, не трпете. Излезете. Пријавете. И да не ви помогнат институциите, ќе најдете мир. Јас најдов мир, но не комплет, сè додека не излезе правдата и секој да си го добие заслуженото“

порачува една од жртвите на семејно насилство.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close