Видео: Меѓународната експертиза на судските случаи е спорна точка во договорот Заев-Гаши, вели Трајанов

Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, во вечерашното гостување на ТВ Сител рече дека има спорни точки во она што го договориле премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, по одлуката на партијата да му се приклучи на владејачкото мнозинство.

„Има и спорни точки од договорот меѓу Зоран Заев и Африм Гаши, особено оној дел што се однесува на некаква си меѓународна експертиза за тешки судски случаи. Тоа не може да биде предмет на политички договор“, рече претседателот на Демократски сојуз.

Трајанов вели дека случајот „Диво Насеље“ е класичен терористички акт во кој загинаа осумина припадници на полицијата, случај кога беше загрозен територијалниот интегритет на нашата држава и за тоа не може да се бара помош од странство. Тој се осврна и на случајот „Монструм“, потсетувајќи дека тој имаше повторено судење.

Лидерот на Демократски сојуз забележа и дека од 19 министри во Владата, десетмина се Албанци и според него, тоа може да создаде „проблеми во вкупните меѓуетнички односи во државата“.

“Се плашам тоа да не има рефлексија на вкупните односи на меѓуетнички план. Не сум сигурен околу ова прашање и мислам дека таа формула која е дефинирана во Охридскиот рамковен договор треба да се инкорпорира во Владата. Кога некој од ДУИ работи во некоја институција, тие инсистираат 25% да бидат вклучени Албанци, а таму каде што раководи ДУИ, таму вработените се најголем дел Албанци, многу повеќе од она што го предвидува рамковниот договор,“ вели Трајанов.

Back to top button
Close