Вкупно 14 образовни институции во земјава ќе добијат пристапност за лицата со попреченост

Од МОН истакнаа дека очекуваат адаптациските зафати да започнат уште на почетокот на 2022 година и укажаа на важноста за достапност на образовните институции

Вкупно 14 образовни институции во земјава, меѓу кои шест основни и по четири средни и високо образовни установи ќе добијат целосна хоризонтална и вертикална пристапност за лицата со попреченост. Ова беше презентирано денес, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, од страна на Министерството за образование и наука од каде го најавија проектот „ЕУ за вклучување“.

Целосна вертикална и хоризонтална пристапност за лицата со попреченост ќе добијат четири факултети во Скопје, и тоа зградата на Архитектонскиот и Градежниот факултет, Економскиот факултет, Правниот факултет и зградата на Филозофскиот и Филолошкиот факултет.

Освен четирите високообразовни објекти, целосна пристапност ќе се обезбеди и во основните училишта „Лазо Ангеловски“ (Општина Аеродром), „Кузман Јосифовски Питу“ (Општина Кисела Вода), „Братство и единство“ (Општина Дебар), „Лириа“ (Општина Тетово), „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“ и „Бајрам Шабани“ (Општина Куманово), како и средните училишта „Наум Охридски“ (Општина Охрид), „Гоце Стојчевски“ (Општина Тетово), „Наце Буѓони“ (Општина Куманово), „Раде Јовчевски – Корчагин“ (Општина Центар), како и Младинскиот културен центар во Скопје.

Фото: МИА / Денес во Владата се одржа координативна средба на која МОН го презентираше проектот „ЕУ за вклучување“

Од МОН истакнаа дека очекуваат адаптациските зафати да започнат уште на почетокот на 2022 година и укажаа на важноста за достапност на образовните институции. Од Министерството упатија и апел до сите останати државни институци да го следат нивниот пример и да овозможат подобро и поинклузивно општество за сите.

„Ги повикувам другите државни институции, локалните самоуправи и јавните претпријатија да го следат примерот на Министерството за образование и наука и условот ‘пристапност’ при јавните набавки за градба или адаптација на објектите да биде задолжителен и сите заедно да го зголемиме степенот на пристапноста кон јавните институциите“,

посочи Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука.

Томшиќ укажа дека основната цел на Министерството за образование и наука е на секое дете да му се овозможи да го постигне својот полн потенцијал.

„МОН ги повикува сите, заеднички, во соработка со учениците и студентите, со нивните родители и наставници, како и со сите општествени чинители, да работиме на натамошно унапредување на процесот на инклузија во образовниот систем и во општеството во целина. Тоа е и нашиот придонес кон градењето на современо граѓанско општество како општество на сите“, додаде Томшиќ.

Back to top button
Close