Владата е подготвена да ѝ даде на ВМРО-ДПМНЕ да ги формулира амандманите за вметнување на Бугарите во Уставот, вели Маричиќ


Владата до сите политички партии деновиве ќе испрати писма преку кои ќе им побара да номинираат експерти во кои тие веруваат за да бидат дел од групата за уставните измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот.

„Во наредните денови ќе објавиме кои имиња ќе ги поканиме во експертската група за уставните измени. Ќе испратиме и писма до сите политички партии во Собранието да номинираат експерти или личности на кои им веруваат да бидат во таа комисија. Сакаме да покажеме дека нема што да криеме и дека нема тајни клаузули“

рече вечерва вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ.

Вицепремиерот посочи и оти Владата е подготвена опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што тие мислат дека треба во согласност со преговарачката рамка, за да стекнат доверба во процесот дека нема ништо тајно.

Тој додаде дека нема да има изненадувања во експертската група која ќе ги подготвува амандманите за уставните измени и дека секој е важен и треба да биде вклучен во процесот.

Маричиќ потенцираше и дека високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кои во петокот беа во Скопје, потврдиле дека не е можно да се менува преговарачката рамка со ЕУ.

„Од претставниците на ЕУ побаравме тоа што ни го кажуваат нам како Влада и го кажуваат во Брисел, да го кажат на јавноста и на парламентарците. Тоа е дека нема можност за повторно преговарање на преговарачката рамка, дека е губење на време и можност и дека е илузија да се очекува дека повторно ќе се преговара“рече вицепремиерот.

Свесни сме, рече Маричиќ, и дека францускиот предлог не е идеален и оти направивме многу отстапки, но нагласи дека за првпат во 17 години имаме реална шанса да продолжиме понатаму и да ги завршиме преговорите со ЕУ.

Доколку, според него, ја пропуштиме шансата за ЕУ годинава, тогаш ќе влеземе во групата со Босна и Херцеговина и Косово. За таа цел, најави тој дека до крајот на 2023 многу официјални лица од ЕУ и пошироко ќе ја посетат Северна Македонија за да им го пренесат тоа на политичарите во земјава.

„Очекувам до крајот на годината многу официјални лица од ЕУ, државите членки и пошироко да доаѓаат и да разговараат со наши политичари, пратеници, лидери на партии и да ја пренесат пораката дека ако оваа година ја пропуштиме, Бугарија нема да ја пропушти шансата за да потенцира дека ние не сме сакале и не сме можеле да ги исполниме обврските“
рече Маричиќ.

Тој вели дека идејата е до крајот на годината да се отвори првиот кластер, па затоа е потребно да ги завршиме уставните измени и скринингот.

Back to top button
Close