ВМРО-ДПМНЕ го осуди нападот врз екипата на Ал Џазира, но и притисоците врз критичките новинари и медиуми
ВМРО-ДПМНЕ вечерва го осуди нападот и спречувањето во извршувањето на новинарската задача на екипата на Ал Џазира, откако дописничката Милка Смилевска на својот Фејсбук профил објави дека таа и снимателот биле нападнати од учесник на денешниот простест што го организираше опозициската партија.
Освен осудата, од ВМРО-ДПМНЕ бараат и целосно расветлување на настанот.
„ВМРО-ДПМНЕ осудува секаков вид на насилство и попречување на работа врз новинар или медиум. Новинарите и медиумските работници ја имаат полната поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Повикуваме да се расветли настанот од вечерашниот протест и воедно ги повикуваме надлежните органи да ги расветлат сите случаи на попречување на работа на новинари, насилство врз новинари, случаи на физичка пресметка кои власта на Заев ги става под тепих. Воедно, ВМРО-ДПМНЕ ги осудува и случаите кога се врши политичко – судски прогон врз новинари кои се критички настроени кон носителите на јавни функции, како и притисоците врз медиуми“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.