Во Гостивар се поставуваат кошеви за собирање пластични шишиња и картонска амбалажа

– Гостиварската локална самоуправа ќе ги подобрува навиките на граѓаните за собирање на пластична и картонска амбалажа. Во соработка со ЈП „Комуналец“ на неколку локации ќе се постават погабаритни кошеви со различна форма.

Од ЈП Комуналец информираат дека на почеток, кошевите од метални мрежи ќе се постават на неколку фреквентни локации низ градот.

– Засега, вакви кошеви се поставени само на пет локации: на градскиот плоштад, кејот на Вардар долж шеталиштето, малото пазарче и спроти Центарот за култура. Засега со ова ја најавуваме акцијата и ќе се обидеме да ја подигнеме свеста кај сограѓаните за селектирање на отпадот. Наскоро ќе поставиме вакви кошеви и на повеќе локации. Идејата е да се започне со селективно подигање на комуналниот смет, велат од јавното комунално претпријатие.

Кошевите ги изработија вработени во комуналното претпријатие. Засега се со две форми. За собирање пластични шишиња се кафези во форма на големо шише, а за картонска амбалажа се квадратни кафези.

Во меѓувреме склучен е договор со една компанија која ќе ги собира отпадоците и по одредено време ќе ги празни кошевите, а содржината ќе ја носи на рециклирање.

Back to top button
Close