Во потрага по вистината и дезинформациите: Алексеј Навални и проблемите со бојниот отров Новичок

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.

Сервисот за борба против дезинформации polygraph.info анализира тврдење објавено на руската новинска агенција „Спутњик“ во врска со труењето на рускиот опозициски водач Алексеј Навални. Имено, откако Навални беше префлен во Германија од болница во Сибир во состојба за која неговите соработници велеа дека е последица на труење, германската влада објави дека Навални е отруен со супстанцата Новичок, која беше наведена како причина за проблемите на семејството Скрипаљови во Велика Британија. „Спутник“ сега пренесува тврдење на руски научник дека ако бил употребен Новичок за Навални, опозиционерот досега би бил мртов.

Владата на Германија објави дека нејзините воени лаборатории несомнено ја идентификувале токсичната супстанца употребена врз рускиот опозициски лидер Алексеј Навални како Новичок, нервен агенс од групата на бојни отрови. Германската канцеларка Ангела Меркел вчера порача „сигурно е“ дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е жртва на кривично дело… Сериозни прашања сега се отвораат. коишто само руската влада може и треба да ги одговори“.

Веднаш откако Германија ги откри своите сознанија, руската државна агенција „Спутник“, негираше дека токсинот Новичок, создаден уште во времето на СССР, бил употребен против Навални. Во текст под наслов „‘Novichok’ Would Have Killed Navalny, Developer of Substance Says“ (Новичок би го убил Навални, вели создавачот на супстанцата), „Спутник“ го цитира рускиот биохемичар што ја раководел лабораторијата што го развила Новичок. Според руската агенција, ако на Навални му бил подметнат Новичок, тој сега би бил мртов, а не во кома, пишува polygraph.info.

„Би имал конвулзии и други нешта. Целосно различни симптоми“, рекол Ринк за агенцијата.

Но, и двете тврдења се неточни, пишува polygraph.info.

Овој сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите наведува дека има најмалку два случаи на луѓе на кои им бил подметнат Новичок, и дека симптомите на Навални, опишани од медиумите, одговараат на труење со Новичок.

Нервен агенс

Новичок е опишан во книга од еден од луѓето што го создале, Вил Мирзајанов, хемичар што 25 години работел на советската програма за хемиско оружје, бил развиван од 1970-тите како нервен агенс од третата генерација, под шифра „Фолијант“. Биле развиени повеќе од 100 варијанти на Новичок, но само три биле доведени до ниво на хемиско оружје за воена употреба.

Според Библиотеката на Националниот здравствен институт на САД, Новичок е име за органофосфатен агенс за воена употреба, којшто ги напаѓа централниот и периферниот нервен систем. Може да се употребува како аеросол, течност или прашок. Неговата употреба е забранета од Конвенцијата за хемиско оружје на Организацијата на Обединетите нации (ООН) до 1997 година, чиишто потписници се и Русија и САД.

Има и преживеани

Наспроти тврдењата на Ринк, има најмалку два случаја на луѓе што преживеале труење со Новичoк.

Еден е Андреј Железњаков, советски воен научник што случајно бил изложен на Новичок во 1987 година, додека работел во лабораторија. Преживеал уште шест години потоа и бил меѓу првите што предупредиле за Новичкок. Починал во 1993 година, со последици од мозочен удар.

Вториот, многу попознат случај, е поранешниот агент на КГБ, Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија. И тој и таа, според британските власти, преживеаја труење со Новичок од воена моќност, односно за употреба како боен отров. Инцидентот се случи во Солзбери, Англија, во март 2018 година. Според извештаите, уште двајца британски полицајци биле изложени на отровот при нападот на Скрипаљови, но и тие преживеаја.

Неколку месеци по труењето на Скрипаљови, една двојка близу Солзбери исто така, според медиумските извештаи, била изложена на Новичок во шишенце лажен парфем, за кое се верува дека било фрлено од руски агенти. Чарли Роули, кој го нашол шишенцето, се разболел, но потоа преживеал, а неговата партнерка Дон Стурџис, починала откако испрскала од содржината на шишенцето врз зглоб.

Британската анти-терористичка полиција подоцна идентификуваше двајца осомничени за труењето на Скрипаљови и рече дека станува збор за двајца офицери на ГРУ, руската агенција за воено разунавање. Британската влада рече дека е можно највисоки руски државни функционери да се вклучени во нападот.

Официјална Москва веднаш ги отфрлаше како неточни сите наводи за руска вклученост. Во интервју за рускииот телевизиски канал RT, двајцата осомничени тврдеа дека се само спортски нутриционисти што биле на туристичка посета на Солзбери.

Респираторна парализа

Без разлика на сè, симптомите кај Скрипаљови и Железњаков се слични на оние кај Навални. Тие вклучуваат неспособност за концентрирање и прекумерно потење, како што кажа претставникот за односи со јавноста на Навални, потоа халуцинации (во едно видео може да се чуе како Навални вреска); недостиг на здив и респираторна парализа (Навални е приклучен на респиратор откако е хоспитализиран) и метаболно наурушување (дијагнозата што руските доктори ја кажаа откако отфрлија можност од труење).

Докторите од клиниката во Берлин, каде Навални беше префрлен од Русија за лекување, велат дека рускиот опозициски лидер може да се соочи со долгорочни последици по неговиот нервен систем.

За лекување на жртви на затруеност со Новичок, токсиколози од САД препорачуваат „итно интравенско давање атропин“ како мерка „за спасување на животот“. Тоа е и третманот што руските лекари, според нивното кажување, го примениле врз Навални пред да биде авионски превезен во Германија, нагласува polygraph.info.

Сервисот за проверка на факти и борба против дезинформациите нагласува дека тврдењата на Ринк за за Навални се спротивни на тоа што го кажал за случајот на Скрипаљови.

Во интервју за РИА Новости во март 2018 година, Ринк вели дека ефектот на Новичок на жртвата зависи од употребената концентрација. Тој нагласува дека смртноста на изложеноста на Новичок зависела од тоа колку бргу лекарите ќе дадат противотров. Но Ринк не рекол дека Новичок секогаш убива.

Во 2018 година, Ринк тврдел дека случајот на Скрипаљови е „политички“ и дека Обединетото Кралство било еднствениот заинтересиран да отруе „расходуван“ агент на КГБ. А руските државни медиуми постојано ги повторуваа тврдењата на Ринк за да одговорат на британските обвинувања за вмешаност на руската влада.

Одговарајќи на соопштението од германската влада, Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир ПУтин, рече дека не биле пронајдени токсични супстанци во организмот на Навални пред да биде пренесен во Германија.

Навални и натаму е на респиратор. Тој на 20 август, ненадејно ја загуби свеста за време на летот од Томск кон Москва, по што беше хоспитализиран во сибирскиот град Омск, откако авионот мораше принудно да слета. На почетокот, руските лекари отфрлија можност да биде отпуштен од болницата и да биде пренесен во Берлин за лекување.

Мета

Back to top button
Close