За 18 отсто зголемен бројот на ученици кои следат онлајн настава

Од стартот на учебната година до денес за 18 проценти се зголеми бројот на ученици кои следат онлајн настава, соопшти денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Според Царовска, наставниците ги стекнаа потребните вештини, а учениците навиките и онлајн наставата се одвива солидно. За еден месец постигувањата се добри, до 20 ноември ќе треба да се формираат и првите оценки.

Упатствата за формирање оценки за првото тримесечие, потсети министерката, се веќе испратени до наставниците и директорите, што беше и јавно објавено. Онаму каде што ќе има предизвик во формирањето на оценката за онлајн и следење настава на далечина, ученикот ќе може да се повика на индивидуална средба за поквалитетно потврдување на нивото на неговото знаење.

-Тогаш ќе ги видиме предизвиците. Затоа сме во дневна комуникација и со директорите и со градоначалниците, за да може што поквалитетно да се постави овој систем. Предизвици постојат, но ме радува што се постигна континуитет во наставата и што и родителите и учениците ја чувствуваат разликата од оној период кога немаше никаков тип онлајн настава, истакна Царовска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на резултатите од Јавниот повик на ФИТР за доделување финансиски средства преку иновациски ваучери.

Царовска смета дека веќе утврдениот начин на настава треба да остане и да се одржи до крајот на школската година. За ротирање ученици на една недела ќе се размислуваше ако состојбата, како што рече, останеше на ниво на 1 октомври и ако се намалуваше бројот на новозаразени, што сега не е случај.

Back to top button
Close