Заев: Бојкотот на пописот нема да и донесе ништо добро на државата

– Бојкотот на пописот на кој повикува и го најавува опозоцијата е најлошата одлука што може да ја донесе било кој политички субјект. Тоа може да донесе штета за државата, конфузија кај граѓаните. Таквиот став е свесно туркање на земјата во провалија и закана дека ќе останеме црна дупка во светот како изолирана земја која што не поседува податоци за да може да ги испланира следните 5, 10, 50 или 100 години од сопствената иднина, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Без разлика, рече Заев,  дали е лажно спакуван како повик за неучество или повик за минирање на најважната статистичка операција за земјата, е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект.

– Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за  пазарот, за потрошувачките навики. Оттаму, тука сме пред вас, за да укажеме колку е важно државата и сите нејзини институции и чинители на централно и локално ниво, да дадат поддршка на Државниот завод за статистика, за успешно да ја спроведе стратегиски важната статистичката операција – Попис 2021, рече премиерот.

Тој додаде дека на државата и требаат сите податоци што ќе се добијат од пописот, бидејќи, како што потенцира, тој не е само операција која треба да даде слика за етничката состојба во земјата, туку опфаќа многу сегменти, факти, податоци, бази од кои може да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество. Пописот на граѓани, домаќинства и живеалишта, потенцира ќе овозможи да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни, со што ќе се унапредат и нивните права и придобивки.

Back to top button
Close