Заев: Ќе има јавна кампања за вакцинација за да постигнеме колективен имунитет, вакцината од Спутник може да стигне пред Фајзер и Модерна

Вакцинирањето е операција од врвен приоритет и јавен интерес. Тоа секако ќе биде проследено со соодветна јавна кампања во рамките на она што го предвидуваат политиките на Владата и законските рамки. Јас очекувам голема поддршка од секој граѓанин, од секоја заедница и институција, и особено од медиумите, истакна премиерот Заев во „Само интервју” на ТВ Канал 5., и додаде дека сега е време во прв план да дојде до израз солидарноста и грижата за остварување на јавниот интерес.

„Ќе ја отвориме дебатата за утврдување на правилата за медиумски кампањи од јавен интерес со максимална инклузивност на сите засегнати: медиумите, медиумските и новинарските здруженија, граѓанските организации, надлежните институции, со сите. Масовна консултација до конечно најдобри и прифатливо за сите решение за организација и за спроведување кампањи од јавен интерес преку медиумите и другите комуникациски канали. При тоа тргнуваме од неколку важни насоки од кој најважната е дека останува забраната за владино рекламирање. Тоа не се менува. Само разговараме за тоа да се воведе можност на кампањи од јавен интерес, а поголем јавен интерес од успешно спроведување на вакцинацијата нема”, нагласи премиерот Заев.

Неопходно е, рече премиерот Заев, да постигнеме довербата во вакцините, да ги елиминираме предрасудите и да постигнеме да се вакцинира најмалку 60 до 70 проценти од населението за да постигнеме колективен имунитет.

– Вакцините кои ќе ги добиеме, без разлика дали ќе бидат преку Ковакс системот, или од Грција или од Бугарија, најверојатно ќе пристигнат во март. За вакцините имаме издвоено пари и ќе си ги платиме. Само ако некој рече дека е донација, тогаш нема да ги платиме. Инаку, без разлика дали како чин на пријателство некој ќе ни достави од нивните вакцини, ние ќе си ги платиме. Ние сме држава, луѓето плаќаат даноци и пари имаме обезбедено – рече Заев.

Заев најави дека руската вакцина „Спутник“ би можела да стигне во земјава пред „Модерна“ или „Фајзер“.

Back to top button
Close