Започнува враќањето на името Република Македонија

Македонија, да не заборавиме, е дел од едно меѓународно општество на држави.

Еден од најмалите народи на Европа има своја држава, своја нација и свој јазик, достигнување незамисливо за далеку поголеми народи во светот.

Но, тоа е општество на опасно живеење.

Во меѓународното општество на држави нема парламент кој носи закони, нема влада која ги извршува, ниту има полиција која ги спроведува.

Таму нема право во форма на субординација, како во домашното општество, туку право во форма на координација, зашто најважната хиерархија е хиерархијата на моќ.

Зошто инаку Америка би си ставила во задача нејзината воена моќ да биде поголема од моќтта на сите други големи сили заедно. Зошто Македонија би сакала да влезе во НАТО? Во тоа меѓународно општество политиките на државите произлегуваат, пред се, од нивните државни интереси а се спроведуваат токму со помош на моќтта која ја поседуваат.

Сите, од најмалата до најголемата држава се вооружени а војната е продолжение на дипломатијата со други средства.

Значи, како што ги предупредував моите студенти, во тоа опасно и длабоко море на светската политика пливаат и китови и сардини и тешко сардината која ќе се замисли дека е кит.

И ги тешев дека има среќни сардини и несреќни китови.
А сега во Штип. Штипските советници на ВМРО-ДПМНЕ, иако не се свесни за тоа, влегоа во конфронтација со меѓународното општество на држави.

Во општината ја почнаа, ветената од нивното централно раководство, борба за враќање на уставното име.

Логично, примерот ќе го следат сите оние кои гласале за враќање на нашето уставно име, очекувајќи од партиското раководство да го повтори истото во меѓународното општество на држави.

Ако сака да испровоцира предвремени избори и да победи на нив раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ја следи вољата на своите гласачи и секаде каде што победиле да го врати уставното име.

Во спротивно, може да ги загуби најавуваните парламентарни избори. Ревизија на Охридскиот договор, на договорот од Преспа, на договорот со Бугарија беа дел од победничкиот наратив на македонските националисти, политичари и интелектуалци. Пратеник во македонскиот парламент и водач на македонските радикали тукушто изјави дека сега тие ќе ги диктираат правилата на играта: нема веќе Северна, само Македонија.
Централното раководство на македонските националисти , ако и малку ја разбира меѓународната политика, сигурно не е среќно што фанфарите за јуриш за враќање на уставното име прерано затрубеа, но нема да има друг избор освен да се приклучи.

Конечно, тоа се нивните изборни ветувања кои така лесно се даваат од опозиција а невозможно е да се спроведат од позиција на власт. Лагата дека е можна ревизија на Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија ќе биде разоткриена ако македонските националисти дојдат на власт. Но тоа ќе значи барем четри години стоење во место. Има ли право Македонија да се повлече од спомнатите договори? Се разбира дека има. Ние сме суверена држава и можеме, во нашиот парламент, да одлучиме што ни е воља.

Можеме да му објавиме војна на Аганистан, ако сакаме, само да не се испогубиме по аеродромите додека стасаме таму. Штипскиот пример е индикативен.

Тој покажува дека прво ќе се испокараме помеѓу себе а дури потоа со нашите сојузници од НАТО. Но, кавга во мултиетничка Македонија не е обична кавга. Тоа е опасна кавга.

Што се однесува до кавгата меѓу Македонците околу името, па зарем мисли некој дека има макар и еден човек кој е среќен со Северна.

Зарем има макар еден.Има само такви кои разбираат и такви кои не разбираат. И има партии кои го злоупотребуваат патриотизмот на навредениот Македонец кој на разбира дека таква е борбата и такви се жртвите за опстанок на малите држави во светската политика.

Денко Малески

 

 

 

 

Back to top button
Close