Зариф: Постојат сериозни индиции за вмешаноста на Израел во убиството на Фахризаде

Шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф тврди дека постојат индиции дека најверојатно Израел е вмешан во убиството на нуклеарниот научник Мохсен Фахризаде, додека иранскиот министер за одбрана Амир Хатами убиството го оцени како „длабока омраза на напријателот“ кон Иран.

– Терористите денеска го убија истакнатиот ирански научник. Ваков кукавичлук, со сериозни индиции за улогата на Израел, покажува очајно поттикнување војна, напиша Зариф на Твитер, но не наведе докази за неговите тврдења.

Тој истакна дека Иран ја повикува меѓународната заедница, посебно Европска Унија, да прекине со „срамните двојни стандарди“ и да го осудат таквиот „акт на државен тероризам“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а и Пентагон се уште не го коментирале убиството на Фахризаде.

Во автомобилот на Фахризаде, кој за Западот беше идеен творец на тајната нуклеарна програма за вооружување, денеска беше пукано близина на Техеран. Тој почина во болница од здобиените повреди.

Back to top button
Close