Зеленски предложи нови преговори со Русија што би се одржале следната недела
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи нови преговори со Русија што би се одржале следната недела, објавија светските агенции.
Зеленски го даде овој предлог на својот канал на апликацијата Телеграм.
Украина и Русија одржаа две рунди преговори во Истанбул оваа година, што доведоа само до размена на воени заробеници, но не и до пробив во позициите на двете страни за условите на прекинот на огнот, потсетуваат агенциите.
Зеленски рече дека го испратил предлогот за разговори до Москва.
Потоа, во своето вечерно обраќање до Украинците, тој рече дека темпото на разговорите треба да се забрза и дека треба да се направи сè за да се постигне прекин на огнот.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави претходно денеска дека руската делегација е подготвена да дојде во Истанбул на трета рунда разговори со украинската страна. Таа изрази надеж дека Киев ќе дејствува во духот на постигнатите договори и ќе го продолжи процесот на преговори со цел прекин на огнот.