Песок од Сахара го загади воздухот во Македонија. Лицата со респираторни и срцеви заболувања посебно да внимаваат

Повеќе македонски градови вчера и денеска се со високо загаден воздух. Воздухот што деновиве струи над земјите од Медитеранот, вклучувајќи ги тука и земјите од регионот, не носи само топлина, туку и песок, кој ќе биде особено присутен денеска, а вчера беше видлив на сателитските снимки, објавија повеќе специјализирани портали и метеоролошки институции.

Прашината од Сахара придонела за поголема загаденост. Високо загаден е воздухот во Битола, Охрид, Кичево, Берово, Струмица, Кавадарци, Велес, делови од Скопје и Лазарополе. Тетово, Прилеп и Гостивар се средно загадени.

Дали прашината од Сахара влијае на здравјето?

Иако постојат спротивставени мислења за влијанието на прашината од Сахара врз здравјето, факт е дека на мерните станици во Македонија се забележуваат високи концентрации на суспендирани честички ПМ10, а коишто се значително повисоки од просечните вредности.

Според лекарите песокот од Сахара секако влијаел на загадувањето во тоа време, но дека тоа не е единствената причина.

„Сахарскиот песок е лош за децата кои имаат респираторни проблеми. Овие честички не се опасни, тој е еден вид прашина и не предизвикува болести“, сметаат лекарите.

Сепак, истражувањето на Атинската опсерваторија покажува дека суспендираните честички сепак можат да навлезат во респираторниот систем и да предизвикаат штета. Овие честички можат да бидат особено опасни за оние со респираторни и срцеви заболувања, како што се бронхијална астма и ХОББ, а исто така може да предизвикаат алергии.

Хемиските анализи во тоа време идентификуваа девет метали (олово, арсен, железо и никел) во честичките прашина, кои исто така изгледаат дека содржат хемиски елементи од антропогени активности (движење на возила и индустрија) кои се депонираат на честичките додека минуваат низ урбаните центри и големите градови.

Исто така, една студија од 2011 година на Универзитетот во Атина се фокусираше на смртноста во денови со и без прашина. Студијата покажа дека во деновите кога има транспорт на честички од Африка, дневната смртност се зголемила за три отсто во однос на деновите кога немало транспорт.

Во 2015 година, универзитетот учествуваше и во мултицентрична програма која испитуваше податоци од 11 градови во Грција, Италија, Шпанија и јужна Франција, а таа студија исто така покажа дека прашината од Сахара ја зголемува смртноста.

Back to top button
Close