(ВИДЕО) Гир: Јасно е што треба да се прави со Судскиот совет, ги имаме препораките

„Постои искушението да се пристапи со она што јас го нарекувам ’правен нихилизам’, со други зборови да избришете сè и да почнете од почеток. И тоа е атрактивно и можеби привидно изгледа атрактивно. Но, искуствата покажуваат дека тоа не е најефективниот начин“, порачува шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, во интервју за „360 степени“, коментирајќи ја најавата од власта за распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители

Правен нихилизам можеби е атрактивен, но не и најефективен метод – вели шефот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, во интервју за „360 степени“, прашан за ставот на ЕУ за најавата од новата влада за распуштање на Судскиот и на Советот за јавни обвинители. За Гир, нема дилеми дека мора да има суштински реформи во областа на владеење на правото и судството и затоа го поздравува фактот што „владата е амбициозна во овој мандат да го стави високо на листата приоритети“.

Што се однесува до Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, се дообјаснува амбасадорот, „веќе има богатство на материјал кој покажува кои се начините за придвижување“.

„Го имаме Извештајот на Оценската мисија, кој, како што се сеќавате, е од минатата година. Содржи 40 препораки. И има уште многу други документи. Од скрининг-процесот, Извештајот за напредокот, значи има богатство достапни материјали кои покажуваат како да се оди напред. Со нетрпение очекуваме да разговараме за ова во детали“вели Гир.

Евроамбасадорот смета дека ќе мора да разговараат со владата за тоа што значи „овој јазик за распуштање на Судскиот совет, распуштање на Советот на јавни обвинители“

„Се разбира, постои искушението да се пристапи со она што јас го нарекувам ’правен нихилизам’, со други зборови да избришете сè и да почнете од почеток. И тоа е атрактивно и можеби привидно изгледа атрактивно. Но, искуствата покажуваат дека тоа не е најефективниот начин. За Судскиот совет, јасно е што треба да се прави. Ги имаме препораките. Затоа, нашиот совет е да се продолжи, да се има дискусии, да се разговара со сите засегнати страни заедно. Да се надогради она што веќе е постигнато“ порачува амбасадорот на ЕУ

Притоа, тој потсетува дека Судскиот совет веќе има усвоено акциски план за спроведување 17 препораки од Извештајот на Оценската мисија, кои се дел од нивните надлежности.

„Затоа, да градиме врз темелот на она што е постигнато, за да се осигуриме дека овие тела навистина ќе и служат на целта на која треба – да бидат чувари на независноста, професионалноста и интегритетот на судството“вели шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава.

Во интервјуто за „360 степени“, едно од последните пред завршување на амбасадорскиот мандат во Северна Македонија, Дејвид Гир зборува за тоа што значи новата политичка реалност за односите на земјава со ЕУ, каков е ставот на ЕУ за односот на новата влада кон Преспанскиот договор, може ли да се репреговара Договорот со Бугарија, што значи и како ќе функционира Планот за раст за Западен Балкан…

Back to top button
Close