100 евра влезница за во Венеција?

Венеција е преплавена со туристи со мал буџет кои „не трошат ниту еден цент“, па затоа секој посетител треба да плати дури 100 евра за да влезе во градот, според еден од најистакнатите бизнисмени во тој италијански туристички бисер.

„Во вонредна состојба сме, туристите повеќе не купуваат ништо. Јас би им наплатил 100 евра по лице“, рече Сетрак Токаџијан, сопственик на историска продавница за накит и претседател на здружението на претприемачи на плоштадот Свети Марко во срцето на Венеција.

Градот веќе применува влезница од 5 до 10 евра по лице за еднодневни излетници, според контроверзна одлука на градскиот совет донесена минатата година. Сепак, предлогот на Токаџијан оди многу подалеку.

Тој особено ги критикува туристите кои престојуваат во евтини кампови на копното и доаѓаат во градот со автобус.

„Секој ден гледам реки луѓе кои доаѓаат без никаква цел. Ги водат водичи, се возат со гондоли, такси по вода, брзаат од едниот до другиот крај на градот и никој не купува ништо“, рече тој.

„Тие пристигнуваат наутро, заминуваат попладне, без да потрошат ниту едно евро. За жал, тоа е навистина лоша форма на туризам.“

Според него, луксузните продавници сè повеќе страдаат поради „брзите“ туристи кои трошат малку.

„Веќе не гледате луѓе со торби од брендирани продавници, како порано. Ако купат нешто, тоа се евтини копии од торби и ремени од нелегални улични продавачи, претежно мигранти од Сенегал и Бангладеш.“

Токачијан, исто така, изјави дека „семејствата кои делат оброк во ресторан, редовите пред чешми за вода затоа што никој не сака да купи вода“ станаа секојдневна слика за Венеција.

„Каде исчезнаа тие прекрасни луѓе, оние кои навистина го сакаат градот, оние кои го почитуваат и носат нешто вредно?“, праша тој.

Тој истакнува дека „легалните продавници не продаваат ништо, додека уличните продавачи заработуваат стотици евра дневно продавајќи нелегална стока. Дали е тоа фер?“, прашува тој.

Тешка економска состојба

Сепак, Роберто Панчиера, претседател на друго локално трговско здружение, Конфкомерсио Венеција, смета дека е погрешно да се демонизираат туристите со поскромен буџет.

Тој наведува дека Венеција е во тешка економска состојба поради поширокиот контекст, војните во Газа и Украина, инфлацијата, растечките трошоци за живот и потенцијалните трговски војни што ги објави Доналд Трамп.

Друг удар за локалните продавници беше експанзијата на онлајн купувањето.

„Туристите често фотографираат излози, а потоа бараат слични и поевтини работи на Интернет“, рече Панчиера.

Наплатата за оваа година е завршена

Канцеларијата на градоначалникот на Венеција објави дека влезниците за оваа година се завршени. За време на 54 „врвни“ туристички смени, повеќе од 720.000 луѓе платиле помеѓу 5 и 10 евра, со што градот собрал 5,4 милиони евра. Минатата година, кога таксата за прв пат беше воведена, таа се наплаќаше 29 дена и донесе 2,4 милиони евра.

Критичарите тврдат дека оваа мерка не го намалила бројот на посетители ниту го подобрила квалитетот на туризмот. Сè повеќе Венецијанци го напуштаат градот, кој, предупредуваат тие, се претвора во „културен Дизниленд“. На ова неодамна укажа спектакуларната свадба на милијардерот Џеф Безос со американската новинарка Лорен Санчез, настан вреден десетици милиони долари, одржан во Венеција.

Населението на градот се намалило од 1950-тите години од повеќе од 170.000 на само околу 48.000 денес.

И покрај критиките, градските власти тврдат дека влезницата е важен чекор во борбата против масовниот туризам. Во април минатата година, Венеција стана првиот град во светот што воведе систем за плаќање за влез на туристи.

„Системот работеше добро дури и во втората година, докажа дека можеме да ја усогласиме целта за контрола на бројот на туристи со зачувување на пристапноста и транспарентноста“, рече градскиот службеник Мишел Куин.

Тој додаде дека приходите се користат исклучиво за проекти што им користат на жителите.

Симоне Вентурини, советник за туризам, ја објави анализата на собраните податоци со цел подобро управување со идните туристички текови.

Во обид да го намали притисокот од масовниот туризам, градот воведе дополнителни мерки: ја ограничи големината на туристичките групи на максимум 25 лица и забрани употреба на звучници од страна на туристичките водичи за да не се вознемируваат другите посетители.

Извор: press24.mk

Back to top button
Close