12.000 години камени реки и вечна молика: Пелистер, гордоста на Македонија

Најстариот национален парк на Балканот, кој датира од 1948 година претставува жив музеј на биодиверзитет, историја и човечка судбина. Пелистер е дом на мечки, редок ендемски бор – моликата, и на камени реки создадени од последната глацијација. Но, тој е и извор на живот – токму од овде доаѓа водата што ја пие цела Битола.

Помеѓу камените реки стари 12.000 години и шумите од ендемската молика, се крие вистинската сила на Пелистер – планината што ја чува водата за Битола, ја носи историјата на Првата светска војна и го штити богатството на балканската природа. Ова е приказна за најстариот национален парк на Балканот, формиран во 1948 година, кој и денес плени со своите убавини и тајни.

Кога ќе застанете на патеката кон врвот Пелистер, пред вас се отвора слика што зборува за векови историја, ледници и борба за опстанок.

Стрежево – половина полн резервоар и голема закана

Од оваа страна на Пелистер се гледа акумулацијата Стрежево – некогаш гордост на градот, денес до половина полна. Изворите што некогаш извирале кристално чисти се загадени, а дел веќе непогодни за пиење. Водата што ја пиеме е најголемата лекција од планината: ако ја изгубиме, го губиме животот.

Пелистер – најстариот национален парк на Балканот

Формиран во далечната 1948 година, Пелистер е најстариот национален парк не само во Македонија, туку и на Балканот, а некои велат и во цела Европа. Тој се простира на 170 квадратни километри, проширен пред 15 години од првичните 120. Најмногу на Преспанската страна, околу Брајчино и до самата грчка граница.

Тука пејсажите се бајковити: Пелистерски очи – двете леднички езера на врвот од 2.601 метар, шумските патеки кон Копанки и Црвена стена, и, секако, моќните камени реки.

Камените реки – сведоштва од последната глацијација

Една од најфасцинантните појави на Пелистер се токму камените реки. Создадени пред 11-12 илјади години, тие се резултат на последната глацијација кога Балканот бил поделен со ледничка граница – сè северно од Пелистер било под мраз, а сè јужно останало „слободно“. Кога глечерите се повлекувале, оставиле по себе морници од камен што и денес изгледаат како да течат.

Некаде порано долги три километри, денес се сведени на само 200 метри поради експлоатација за градежен материјал. Сепак, зелените мовови што ги покриваат камењата се причина ова живеалиште да влезе во европската листа на приоритетни типови за заштита.

Молика – симболот на Пелистер

Најголемата гордост на планината е моликата – реткиот петолисен бор. За разлика од црниот бор кој има две иглички, моликата има пет и создава најубави шуми токму овде. Иако постои и на Јабланица, Шара и Бистра, само Пелистер може да се пофали со толкави моликови шуми.

Но, моликата е светлољубива – во густи шуми полека ја заменуваат бука и јела. Ако не размислиме на време, во иднина може да исчезне. Но, да не го заборавиме и папратот кој се размножува многу брзо и особено е забележлив на повисоките места.

Покрај моликата доста е застапен и сорбусот.

Кафеавата мечка и мистичниот рис

Симбол на паркот е кафеавата мечка, присутна во голема густина. Тука живеат речиси сите цицачи што можат да се најдат на Балканот, а ренџерите сè уште очекуваат доказ за присуство на балканскиот рис – мистично животно чиј траг можеби е уловен на една матна слика од 2013 година.

На високите карпи живее и мало стадо диви кози, додека најинтересната птица за орнитолозите е лешникарката.

Водата – најважниот ресурс

Планинските екосистеми обезбедуваат 70% од пиењето вода во светот. Битола ја добива од Пелистер. Ако ја изгубиме природната филтрација на планината, Битола ќе остане без вода. Акумулацијата Стрежево е само дополнителен извор за летните месеци, но прочистителната станица не може да ја замени природата.

Историски фронтови и антички мистерии

Пелистер не е само природа. Во текот на Првата светска војна, токму овде бил еден од најжестоките фронтови. Бугарски и француски војски се судриле на височини од 2.200 метри, додека локалното население било регрутирано во три различни армии – српска, грчка и бугарска.

Името на регионот „Линкистида“ е врзано со рисот (lynx), а на оваа планина некогаш била откопана и египетска божица – уште еден доказ за мистичноста на просторот.

Човекот што ја чува планината

Со нас беше и ренџерот Иле – човек што 40 години се бори со ловокрадци и пожари. Дел од мониторинг мрежата на Македонското еколошко друштво, тој е жив доказ дека љубовта кон природата е најсилната заштита.

Зошто Пелистер е најважниот парк во Македонија?

Пелистер е приказна за вода, шуми, животни и луѓе. Приказна за тоа колку е тенка линијата меѓу опстанокот и уништувањето. Ако ја изгубиме оваа планина, ќе изгубиме дел од идентитетот, историјата и животот.

 

Извор: racin.mk

Back to top button
Close