12.000 Македонски пензионери остануваат без покачена пензија!

Уставниот суд ќе ја оценува уставноста и законитоста на измените на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, според кои пензионерите кои живеат во странство не го добија покачувањето од 2.500 денари од март оваа година, а нема да ги добијат ниту најавените покачувања од по 1.000 денари во септември 2025 и март 2026 година.

Во судот досега пристигнале три иницијативи во кои се оспорува уставноста на измените и се наведува дека тие создаваат нееднаквост и дискриминација помеѓу пензионерите што живеат во Македонија и оние што се во странство, иако сите имаат исти пензиски права врз основа на уплатени придонеси.

Првата иницијатива е поднесена од Љубомир Сандевски, кој тврди дека државата со измените го ускратува стекнатото право на пензионерите и дека Собранието, без уставна надлежност, направило неоснована поделба по географски принцип.

Втората иницијатива е од Илија Ивановски, кој го оспорува делот од законот каде стои дека покачувањата се однесуваат само на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија. Според него, тоа создава правна нееднаквост и индиректна дискриминација.

Третата иницијатива е од Темелко Ристевски. Во неа се наведува дека со измените се повредуваат неколку членови од Уставот, вклучително и членот 9 за еднаквост на граѓаните, членот 27 за слобода на движење и членот 35 за социјална заштита.

Од Фондот за пензиско осигурување појаснуваат дека тие ги исплаќаат пензиите според законските одредби. Тие потсетуваат дека пензионерите во странство го добиле првото покачување од 2.500 денари во септември 2024 година, но измените донесени потоа не им го гарантираат правото на следните зголемувања во април 2025, септември 2025 и март 2026 година.

Фондот истакнува дека ќе ги почитува сите идни одлуки на надлежните институции, вклучувајќи ја и онаа на Уставниот суд.

Back to top button
Close