133 килограми марихуана чувани во автосервис во Ѓорче Петров – обвинение за четворица членови на едно семејство

Според Обвинителството, четворицата обвинети организирале пренос на 99 килограми од марихуаната, движејќи се со три автомобили еден зад друг – првото возило со цел да известува за полициски службеници и патроли, второто возило во кое била дрогата и трет автомобил за заштита. По наредба да запрат на улицата „Скупи“, првото возило побегнало, а останатите две полицијата ги сопрела и нашла картонските кутии со марихуана. По извршен претрес во автосервисот била пронајдена и останатата количина

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против четири лица за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Еден од обвинетите се гони и за кривично дело – Неовластено изработување, држење посредување и тргување со оружје.

Четворицата обвинети, тројца мажи и една жена, се роднински поврзани. Тие во автосервис во Ѓорче Петров, заради продажба држеле околу 133 килограми марихуана. Од нив, на 2 мај спакувале околу 99 килограми и ги подготвиле за неовластена продажба. Се организирале и транспорт, но на улица ги запрела полиција.

„Дрогата во кеси и картонски кутии ја ставиле во автомобил, а остатокот го оставиле во авто сервисот. Истиот ден заеднички организирале пренос на марихуаната, движејќи се со три автомобили еден зад друг – првото возило со цел да известува за полициски службеници и патроли, второто возило во кое била дрогата и трет автомобил за заштита. На издадена полициска наредба да запрат на улицата ‘Скупи’, првиот автомобил воопшто не застанал и обвинетиот се дал во бегство. Другите две возила биле веднаш сопрени и при извршен преглед биле пронајдени картонските кутии со дрогата. По извршен претрес во авто сервисот била пронајдена и останатата марихуана, но исто така биле пронајдени и четири куршуми муниција кои еден од обвинетите ги држел без дозвола“соопшти Обвинителството.

Четворицата добиле мерка притвор, а со поднесувањето на обвинителниот акт, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на притворските мерки, бидејќи сè уште постојат законските основи – опасност од бегство и можност да го повторат делото.

Back to top button
Close