16-годишниот мотоциклист кој загина утрово во Чаир управувал без возачка дозвола и заштитна кацига, и со поголема брзина
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во близина на трговскиот центар “Чаирчанка” каде рано утрово во тешка сообраќајна несреќа загина 16-годишен возач на мотоцикл.
Според првичните сознанија по увидот, 16-годишникот управувал без возачка дозвола и заштитна кацига, како и со брзина поголема од дозволената. На критичната локација, не успеал да избегне електричен тротинет со кој по коловозот управувал 14-годишник. Во сообраќајната несреќа, возачот на моторот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место, додека малолетникот кој управувал со тротинетот е повреден и задржан на лекување.
Со цел точно утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издаде повеќе наредби и насоки. Се обезбедуваат и се прегледуваат снимки од видео надзорот на конкретната локација. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а и кај малолетникот кој управувал со тротинетот ќе бидат извршени анализи за евентуално присуство на алкохол или други недозволени супстанции.