2 години Влада на Мицкоски: Нема повисоки плати, нема подобар стандард- нула исполнети ветувања, вели Тренчевска

Пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната прес-конференција оцени дека по две години од мандатот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, животниот стандард на граѓаните е намален, а најголем дел од ветувањата останале неисполнети.

Според Тренчевска, наместо подобар животен стандард, граѓаните денес се соочуваат со повисоки трошоци за живот, поголема сиромаштија и економска неизвесност.

„Нема ништо од ветувањата за повисоки плати, подобар животен стандард и достоинствен живот за социјално ранливите категории граѓани. Единствено што се зголемува се цените и трошоците за живот“, изјави Тренчевска.

Таа посочи дека Владата ветувала инфлација од 2,5 проценти, но дека според актуелните податоци инфлацијата достигнала 4,8 проценти.

Од СДСМ наведуваат дека на едно четиричлено семејство денес му се потребни речиси 70.000 денари месечно за покривање на основните животни потреби, додавајќи дека платите не го следат растот на цените.

Тренчевска ја критикуваше Владата и за, како што рече, неисполнетите ветувања во делот на социјалната политика.

„Нема зголемување на гарантираната минимална помош, нема повисоки надоместоци за родителите кои се грижат за деца и лица со попреченост, нема нови домови за стари лица, ниту нови дневни центри за згрижување и рехабилитација“, рече таа.

Во однос на пензионерите, Тренчевска обвини дека Владата ги изманипулирала со предизборни ветувања, оценувајќи дека со задржување на претходниот модел на усогласување, пензионерите би добивале повисоки зголемувања на пензиите.

Според СДСМ, Владата нема исполнето ниту едно од клучните социо-економски ветувања дадени пред изборите.

„Резултатот на остварените ветувања на Мицкоски е нула – нула во подобрувањето на животниот стандард, нула во зголемувањето на платите и нула во напредокот на државата“, порача Тренчевска.

 

Back to top button
Close