200 професионални војници примени во Армијата, Петровска им ги врачи решенијата

Согласно новите законски измени за служба во Армијата, идните професионални војници од моментот на склучување на договорот за работа ќе земаат почетна плата над 25 000 денари со дополнителни над 9 000 денари – средства  за станбено обезбедување од 1 јануари 2023 година

Бидете горди што станувате дел од институција која е најпочитувана и најценета, вака министерката за одбрана Славјанка Петровска им се обрати на двестете нови професионални војници на Армијата на кои денеска официјално им ги додели решенијата за работа.

За време на церемонијата во касарната „Илинден“ во Скопје, министерката упати честитки и изрази задоволство што младите војници одлучиле да и служат на татковината, но и што сега се дел од НАТО-семејството.

Денеска вие станувате дел од нешто што е поголемо од сите нас, денеска вие сте дел од НАТО Алијансата која е безбедносен чадор за повеќе од една милијарда луѓе во светот. Вие сте сега НАТО-војници,  ќе имате прилика да учествувате во НАТО-обуките, да бидете дел од различни НАТО-мисии и да ја покажете истата вештина и истото знање како и вашите колеги“,изјави министерката.

Јавниот оглас за прием на новите професионални војници на служба во Армијата беше објавен во септември годинава. Согласно новите законски измени за служба во Армијата, идните професионални војници од моментот на склучување договорот за работа ќе земаат почетна плата над 25 000 денари со дополнителни над 9 000 денари – средства  за станбено обезбедување од 1 јануари 2023 година.

 

Back to top button
Close