2006 – нулта година за пресудите од Стразбур
Виктор Орбан се понуди за посредник меѓу Скопје и Софија. Дури и на Мицкоски му изнесол предлог како некоја почетна точка. Мистерија е што има во оваа „мировна понуда“. Пишува Љупчо Поповски
Барем засега, мистерија е каков предлог му дал унгарскиот премиер Виктор Орбан на неговиот македонски колега Христијан Мицкоски за време на вчерашната средба во Охрид, врз кој ќе може да се заснова неговото самонајавено посредништво меѓу Скопје и Софија. Унгарските медиуми, и провладините и оние неутралните и пропозициските, вчера речиси и да не ја споменуваа посетата на големата унгарска владина делегација на Македонија. А уште помалку да се занимаваат со можното посредништво на Орбан.
Јавноста таму е под длабок впечаток на невнимателната, погрешна, па и бесмислена изјава на политичкиот директор на унгарскиот премиер, Балаш Орбан (нема никаква роднинска врска со Виктор Орбан) дека Унгарија не би се бранела доколку би дошло до руска инвазија. И дека Унгарија извлекла поуки оти жртвите во востанието и инвазијата на советските војски во 1956 на некој начин биле залудни. Кога Црвената армија нападна беа убиени 2.700 лица, а 20.000 беа ранети.
Унгарските медиуми се преполни со реакции на оваа неверојатна изјава на многу висок функционер на длабоко „патриотската и национално горда влада”. Извинувања, погрешно протолкувани зборови, па луѓето од 1956 биле херои – сето тоа го зборуваше вчера Балаш Орбан за да се извлече од кашата. А неговиот шеф, Виктор Орбан во редовното петочно интервју за Радио Кошут од хотел во Охрид се обидуваше да ја смири бурата што се развива како вител во неговата земја.
Ако Мицкоски премолче за „мировниот предлог”, ако Орбан го спомена како добра почетна точка (ако и двете страни се согласат за негово посредништво), тогаш што би можело да стои во оваа понуда. Одложување на уставните измени не до крајот на процесот (како што сака македонската влада) туку до некоја одредена фаза? Тоа може да изгледа како план, чии шанси да помине се безначајни, речиси никакви. Да се излегува на кафе од состанок на европските лидери? И тоа е речиси невозможно, иако во новинарски, експертски и владини кругови тоа прилично многу се експлоатираше. Тоа прочуено излегување на кафе на Орбан за да се донесе едногласна одлука за почеток на преговорите со Украина, како што напиша тогаш „Политико” била однапред смислена драмска сцена во стилот quid pro quo.
Десет милијарди евра за пиење кафе
Орбан излезе од салата и ако навистина пиел кафе, можеше да биде задоволен – европските лидери се согласија да ослободат 10 милијарди евра од 30-те милијарди што беа замрзнати за Унгарија поради тоа што Будимпешта не ги почитува основните права на ЕУ.
Орбан доби 10 милијарди евра за да се напие кафе, а што би можел да добие бугарски лидер да излезе од салата за преформулација на веќе постигнат договор и потпишан во летото 2022. Со колку пари би била задоволна Софија и од кои фондови? И дали Македонија е воопшто толкав влог како Украина? А тогаш не се ни расправаше за преговарачка рамка за Киев, туку само за одлука за почеток на преговори, која е на самиот почеток на процесот. И ова изгледа како неверојатна можност.
Дали тоа може да биде она што Мицкоски и клучните луѓе околу него го зборуваа во барем една година пред изборите, кога беа во опозиција? Имплементирање на неколку пресуди на Судот за човекови права во Стразбур за здруженијата на македонското малцинство во Бугарија. Мицкоски и компанијата барем половина година не ја споменуваат оваа варијанта, кон која беа прилично наклонети зборувајќи дека таков чекор на Софија може да ги отвори вратите за уставните измени. Но потоа ја свртеа тактиката за уставни измени со одложено дејство и таа стратегија очигледно пропадна уште пред Мицкоски да отиде во Брисел, каде му беше јасно предочено дека од таа работа ништо не бива.
Тогаш, може ли имплементирањето на некоја од пресудите од Стразбур да влезе во игра? Тешко е да се каже, шансите се минимални. Пред година и пол на ова место објавивме како оди технологијата на забраната на секое можно здружение на ОМО „Илинден” и другите од бугарските власти. Во мај 2023 Бугарскиот хелсиншки комитет објави извештај каде со факти детално се објаснува како на сите нивоа се спречува организирањето на Македонците во Бугарија. Принципот е секогаш ист.
Најстарите случаи за имплементација на пресудите на Судот за човекови права за македонското малцинство во Бугарија чекаат на имплементација од 2006 година.
Пред десетина дена беше објавен извештај од Democracy Reporting International (ДРИ), во соработка со Европската мрежа за имплементација (ЕИН), за земјите-членки на ЕУ, во кој се вели дека државите се мачат (или не сакаат) во целост да ги спроведат пресудите и од Европскиот суд за човекови права и од Судот на правдата на ЕУ. Во него се вели дека 624 пресуди на судот во Стразбур чекаат на целосна имплементација и дека тоа ја поткопува демократијата и владеењето на правото во ЕУ.
Романија, Унгарија и Бугарија се највисоко рангирани меѓу земјите кои се борат да ги спроведат одлуките на судот. Тие се во најдолната група во извештајот кои имаат „многу сериозен проблем” во имплементацијата на пресудите. Заедно со нив во групата се и Полска и Италија.
Во Бугарија 89 пресуди на судот во Стразбур чекаат на имплементација. Поголем број од Бугарија има само Романија – 115 пресуди кои чекаат на имплементација. Бугарија е на самиот врв во ЕУ според просечното време на имплементација – 6 години и 9 месеци.
Има многу случаи за имплементација во Бугарија кои се поврзани со основните човекови права, потоа правата на трансродови лица, на судења во правичен рок, малтретирање во притворски услови…
Принципот е секогаш ист
Во извештајот се наведуваат и случаите за регистрирањето на здруженија на ОМО „Илинден” и други здруженија на македонското малцинство во Бугарија. Во извештајот се наведува дека нултата година за неспроведување на одлуките на Стразбур од страна на Бугарија е – 2006.
Во извештајот особено се нагласува: „Неоправдани одбивања да се регистрираат здруженија кои ги претставуваат малцинствата („ОМО ‘Илинден’ и други против Бугарија”), кои се во очекување на имплементација од 2006 година”.
Во посебен оддел се наведени пресудите кои не ги имплементира официјална Софија, одлуките на Комитетот на министри на Советот на Европа, како и министерските одговори на бугарските власти.
Во опишувањето на случаите и пресудите на Судот во Стразбур се вели:
„Овие случаи се однесуваат на одбивањето на националните судови, помеѓу 1999 и 2015 година, да регистрираат здруженија чија цел е да се постигне признавање и заштита на интересите на ‘македонското малцинство во Бугарија’. Одбивањата беа засновани на размислувања за националната безбедност, заштита на јавниот ред и правата на другите (цели насочени кон ‘признавање на македонското малцинство’ и наводни сепаратистички идеи) и за уставната забрана за здруженија кои остваруваат политички цели, како и неисполнување на формалните законски барања, сите за кои Европскиот суд утврди дека е неоправдано и непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, inter alia бидејќи здруженијата жалители не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на нивните цели”.
Во извештајот се наведуваат и случаите по 2018 година кога не била дозволена регистрацијата на здруженијата.
Има три барања за регистрација на ОМО „Илинден” кои биле одбиени: на 1 јули 2022, на 6 февруари 2023 и на 23 јануари 2024. Одбивањата на Агенцијата за регистрирање се објаснети со зборовите дека „целите сугерираат волја за ‘негување различен национален идентитет кај дел од бугарското население’, а со тоа биле насочени кон поделба на нацијата, создавајќи предуслови за тензии врз основа на етничка основа и го загрозуваат територијалниот интегритет на земјата”. Или дека целите на ОМО „Илинден” не соодветствуваат со приватно здружение.
Во извештајот се наведува дека на 8 март 2022 одбиена е регистрацијата на здружението „Репресирани Македонци жртви на комунистичкиот терор” (имало пропусти во статутот). Со слични одлуки е одбиена регистрацијата и во септември 2022 и јули 2023 година.
Се наведува и дека е одбиена регистрацијата на „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија” во 2021.
Извештајот се осврнува и на затворањето на познатиот македонски културен клуб „Никола Вапцаров” во Благоевград на 7 февруари 2023. „Агенцијата ја одби регистрацијата поради нејасност во одредени делови од статутот и незаконитоста на целите, кои изгледаа политички и имаат за цел да се признае македонско малцинство. На 2 август 2023 година, Апелацискиот суд во Софија го потврди одбивањето, осврнувајќи се главно на формални неправилности: (i) записникот од основачкиот состанок не го навел точното време и местото на одржување; (ii) статутите не предвидувале јасни правила за престанок на членството и решавање на имотните односи (iii) застапувачката моќ на претседателот на управниот совет ја одредува генералното собрание на здружението (а не управниот совет, како што е предвидено со закон). Во светлината на овие заклучоци немаше потреба да се оценуваат целите”, пишува во извештајот.
Се наведуваат и други примери за одбивањето на бугарските власти да ги регистрираат здруженијата на македонското малцинство и во заклучокот, меѓу другото, стои:
„Повеќе од 17 години по првата правосилна пресуда во оваа група и покрај различните мерки усвоени од бугарските власти помеѓу 2018 и 2023 година за подобрување на функционирањето на механизмот за регистрација формиран во 2018 година, здруженијата кои имаат за цел ‘да го постигнат признавањето на македонското малцинство’ продолжуваат да бидат рутински одбивани за регистрација врз основа на кои се отвораат сериозни сомнежи во однос на капацитетот на овој механизам да обезбеди испитувања на барањата на апликантите во согласност со Конвенцијата”.
Но во извештај има и неколку интересни работи кои може да се развијат во некоја поинаква насока. На 25 септември 2023 година, на барање на Комитетот на министри на Советот на Европа, министерот за надворешни работи на Летонија како претседавач со Комитетот во тоа време, му пиша на министерот за надворешни работи на Бугарија и ја пренесе загриженоста на Комитетот за постојаните тешкотии на кои се среќава извршувањето на овие пресуди.
„Во јануари и февруари 2024 година, властите (бугарски) го повторија својот став дека извршувањето на оваа група случаи е приоритет. Тие посочија дека на 1 февруари 2024 година до Апелацискиот суд во Софија, до судот во Благоевград и до Агенцијата за регистрација е дистрибуирано писмо на министерот за правда.
На 28 февруари 2024 година, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија (во тоа време Марија Габриел – н.з.) одговори на писмото на претседавачот со Комитетот на министри од септември 2023 година. Во нејзиното писмо, таа, како прашање на принцип, ја потврди континуираната посветеност на Бугарија на брзо и целосно извршување на пресудите на Европскиот суд. За да се одговори на високите стапки на одбивање, беа усвоени дополнителни фокусирани мерки за подигање на свеста преку писмото од 1 февруари 2024 година на министерот за правда. Вицепремиерот и министер за надворешни работи, исто така, ја потврди намерата на бугарските власти да одржат работен состанок со соодветните засегнати страни за да се разменат мислења за можното продолжување на обврската на Агенцијата да дава упатства за исправка на документите за регистрација. Таа, сепак, посочи дека најмалку едно здружение со слични цели (‘Антички Македонци’), за кое се уредно подготвени документите за регистрација, е регистрирано и моментално функционира”.
Комитетот и на седницата во средината септември годинава изрази жалење за оваа ситуација и сериозна загриженост поради фактот што, „иако властите неодамна презедоа одредени чекори, тие сè уште не презеле решителна акција за која Комитетот бараше во своите претходни одлуки да се осигура дека секое ново барање за регистрација на здруженијата апликанти или на слични здруженија се испитува во целосна согласност со обврската од член 11 од Конвенцијата за заштита на правото на слобода на здружување”.
Судска политика што почна уште во 1990
Некаква активност од бугарските власти за спроведување на одлуки на судот од Стразбур има. Дали со имплементирањето на некоја од одлуките може да се најде магичната формула за отворање на вратата за уставни измени е тешко да се каже.
Оваа политика на Бугарија за одбивање на регистрирање на здруженијата на македонското малцинство е уште од 1990. Таа година во април беше регистрирано здружението „Илинден”. Регионалниот суд во Благоевград во ноември 1990 го разгледуваше неговиот статут и ја отфрли регистрацијата. Со конечна одлука тоа подоцна го направи и Врховниот суд во март 1991.
И тогаш и сега принципот е ист. Во овразложението на одлуката Врховниот суд ги одреди зборовите кои децении подоцна ги користат сите бугарски судови:
„[Пониските судови правилно утврдија дека целите на [Илинден] според член на статутот и програма биле насочени против единството на нацијата… [Материјалот во случајот] покажува дека [Илинден] сака да ги шири идеите за македонизмот кај бугарското население, особено во одредена географска област. [Тие идеи] претпоставуваат ‘денационализација’ на бугарското население и негово претворање во македонско население… Оттука произлегува дека [Илинден] е насочен против единството на нацијата и затоа е забранет”.
Можеби е време сега со најмала можна штета, а со најголема корист, двете држави кои неповратно влегуваат во нова фаза од замрзнатиот конфликт, да направат мали чекори кои ќе отворат големи врати и ќе постават пруга за подобри односи и повеќе разбирање.