2020: Беше, да не се повтори
“Човекот не е роден за порази”… “Сега не е време да мислиш за она што го немаш. Мисли што можеш да направиш со она што го имаш” (Ернест Хемингвеј).
Да, сега е време за размисла, за прашања, можеби и за одговори, но не и за суд. Нека раскажуваат (пресудуваат), тие што ќе останат!
Беше, да не се повтори! Годината што ја оставаме зад нас. Годината, за која ветивме дека “можеме и повеќе и подобро!”.
Е, добро, де: на избори, на лов и во љубовта се ветува се и сешто. Веќе догодина, идат локалните избори, по се судејќи и парламентарните – предвремените. Ништо чудно, не боли премногу, веќе сме навикнати и отрпнати!
Годинава што ја испраќаме ни наметна војна. Војна со опасен, невидлив, не фер,неконвенционален непријател. Погинаа многу “војници”, херои од првата борбена линија. Ни должни, ни виновни! Нивната погибија боли најповеќе. Погинаа и многу “цивили”, илјадници семејства се завиени во црно. Стари и млади. Војна како војна: “покрај сувото, гори и суровото!”.
Поупатените велат дека тоа не беше само наша, туку глобална, светска војна. Трета светска војна, сега со нови средства.
Светот, само досега, во оваа војна, која на “рововите” однесе милиони луге додека бројот на загинатите се ближи кон два милиона, загуби премногу. Не се разбирам во математика, но велат, покрај умрените, и околу деветстотини илјади милијарди!? Што би трербало тоа да значи?
Светот е несовршен. Самиот не знам, всушност, зошто се подбивам, но, можеби, знае нобелоецот Вилијем Голдинг: “Навистина се подбивам со наивната вера во напредокот во една епоха во која може пред нашите очи да биде лансирана атомска бомба…Се измачувам под товарот на своите зборови и на своите прашања. Јас не сум научник кој е способен да ја дестилира вистината капка по капка. Јас сум остарен романсиер кој пелтечи пред заплетканоста на светот”.
Нашата мала, мила земјичка, во оваа глобална војна, даде и дава премногу жртви, во однос на нејзиното – сеуште непреброено население. Не знаеме колку сме, а, нека ме извини професорот, пријателот Гане Тодоровски, не знаеме ниту дали, и токму сме!?
Се сеќавам на претходната војна, во 2001-та. Војната, кога се степаа “балистите” и “комитистите”! Бев учесник, нешто бичим Хемингвеј на Гвадалахара, ама, на крајот, кога се преговараше во хотелот “Инекс-Горица” ( сега “Инекс – Олгица” !?), како известувач за домашни и светски медиуми. Кога се степаа, од Вашингтон дојде “шумарот” (Питер Фејт) им удри по стотина шамари (подеднаков број жртви на двете страни!?), ги раздвои!
Драгиот пријател, симпатичниот и мудар охриѓанец, професорот Јордан Спасески, се нашол во некакво Координационо тело, формирано во владата, каде командувал Питер Фејт. “Војната ја водеше како на џојстик”, ми кажуваше подоцна Јоцо.
На крајот: ете, двестотини зацрнети семејства, безмалку заробените “балисти” евакуирани со автобуси (климатизирани!), “комитистите” кој како – кој од Халкидики, кој од Шар Планина и под “Јорган Планина” (Попова Шапка), со пленот под мишка, од украдените викендици!?
Било-не повторило се! Беше да не се повтори двеилјадиидваесетата!
Војната продолжува, битката е изгубена. Или, цената е платена. Со премногу жртви. Зошто?
Класичните војни се губат поради кукавичлук. Во оваа, сегашнава, плативме превисока цена поради јавашлукот! Јавашлукот – институционален и егоизмот – индивидуален. Во која војна, десетиците погибија, се слават со песна и дрога во Волково!? Во која војна, вашето право на одмор и уживање, треба да биде загроза на моето право на живот и постоење!? Зошто вашето право, треба да биде – мое неправо!?
После секој празник, или продолжен празничен викенд, расте бројот на погибијата во Охрид! Со кое право, ние “обесправените!”, и го одзедовме правото на живот на вредната медицинска сестра Дијана Димоска, родена 1071 во Загреб? Дали, егоизмот е кај нас што не ги сакавме гостите, или кај нив што не сакаа да се откажат од навиките во старата реалност? Каков е тој луксуз на веќе поразениот непријател, да му ги враќаме силата и оружјето за да не нападне одново и уште посилно?
Со сета сопствена дребност, повеќе пати, потпирајќи се на една стара мудрост, повикував: да се жуваме заедно и солидарно, за да не заминуваме одделно! Да се свртиме кон себе, ама и кон блискиот и блиската природа! Да и го вратиме на природата, сето она што и го одзедовме со својата лакомија, а немавме право на тоа.
Како планетарна метафора, блесна кратката информација од Хонконг: “розовите делфини, се вратиле во заливот!”. Една метафора – илјада значења, милиони опомени.
И, што е најважно, подучува Хемингвеј: сега не е време да мислиме за она што го немаме. Да мислиме што можеме да направиме со она што го имаме. Ние, сеуште, го немаме оружјето со кое развиениот свет ја продолжува војната. Но, зарем немаме сапун, парче крпа и акал за дистанца!?
Светот не е совршен. Еднакви сме во маката, но не сме еднакви во примената на вакцината. Иако, сите сме во ист брод. Папа Фрањо моли за солидарност, осудува конкуренција. А што би рекол за злорадоста на оној шутрак од Софија, толку лош, а со толку убаво име. Каква колосална грешка на кумот!
Да учиме на грешките, но, да не ги повторуваме. Особено, не, ние, по Балканите. Заев, Рама и Вучиќ ја промовираа идејата за “Мини Шенген”. Но, јунаци, зошто не се покажавте сега – во маката? Зошто Вучиќ, побрза со “медиската вакцинација” – сам, во полза на својот политички рејтинг? Зошто чекаме милостиња од Брисел: “мислиме на себе – се грижиме за другите (Западен Балкан), глаголи Урсула фон дер Лејен. Зошто сами, кога можевме обединети, со средства и бројка од дваесетина милиони души, директно да почукаме на капијата на Фајзер и Бионтек?
Заедно, немаше да не одбијат и да не остават за на крајот, од јуни – јули, натаму.
И покрај се непосакувано во старата, да влеземе со надеж и верба во Новата, 2021 година.
Веле Митаноски