26 изјави

Да се продолжи зимскиот распуст. Децата да учат онлајн од дома. Истиот ден, кога премиерот Димитар Ковачевски во Њујорк настапувал на сесија за трансформација на образованието и ги претставувал „националните цели и стратегии за унапредување на образовниот процес во Северна Македонија“, градоначалниците од Полошкиот Регион излегоа со идеја зимскиот распуст да трае два месеца зашто општините немаат пари за струја и греење, а ако ептен останат без пари, децата ич да не одат на школо. Нека си се греат дома.
 Сигурно добро ги обмислиле овие идеи пред да го овластат градоначалникот на Гостивар Арбан Таравари да ги соопшти на јавноста. Ќе почне школската година на 15 август, ќе заврши во јули. А матурските испити? А уписите на факултети? Кој сето тоа ќе го усогласи? Кое Собрание ќе менува закони? Ова блокираново, што не може ни кризна состојба да прогласи среде криза? Кое министерство сето тоа ќе го искоординира и спроведе? Ова што не може да обезбеди ни учебници на почеток, ни свидетелства на крајот на школската година? Друг муабет е дека има деца на кои можеби школото ќе им биде единственото место каде што може да бидат на топло. Што убаво смислиле градоначалниците. Во криза прво децата да ги жртвуваме.
Никако не смее да се жртвува јавната администрација, за која видовме во ковид кризата дека додека не одеа на работа без најмалку половина од нив се можело. Што си мислеа кога се тепаа да станат градоначалници? Дека само ќе вработуваат партиски кадри? А од менаџирање на буџетот знаат само да направат табела колку и кому должат. Стратегијата за унапредување на образованието за која зборувал премиерот во Њујорк не е во согласност со стратегијата на партиите да примат што повеќе партиски кадри на државна работа. Кај плата им даваме, сега уште и да ги грееме.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.мк

Back to top button
Close