27 лица добија кривична пријава за незаконско внесување категории во возачки дозволи

Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против 27 лица поради незаконско издавање и употреба на возачки дозволи со невистинита содржина.

Главна осомничена во случајот е вработена во Одделението за управни работи во Скопје, која се товари дека во електронскиот систем незаконски внесувала возачки категории за лица кои воопшто не ги исполнувале законските услови. Истрагата утврдила дека во периодот од септември 2020 до август 2026 година, осомничената службеничка ја користела својата лозинка и службените овластувања за да менува веќе креирани барања од нејзините колеги. Во одредени случаи, таа ги отфрлала редовните барања и креирала нови во кои додавала категории за возење, по што електронскиот систем ги одобрувал и се печателе фалсификувани возачки дозволи. Во оваа шема биле вклучени и четири лица кои дејствувале како посредници, пронаоѓајќи заинтересирани клиенти и координирајќи ја постапката до нејзината финализација.

„Во периодот од 11.02.2021 до 11.04.2021 година, истото лице било отстрането од работното место, а потоа и отстрането од Министерството за внатрешни работи поради поднесена кривична пријава за кривични дела сторени при вршење на службената должност, кои се однесувале на злоупотреби во постапките за издавање лични документи. На 15.01.2025 година, врз основа на судска пресуда, повторно била вратена на работното место во ОУР Скопје“, велат оттаму.

Со ваквото постапување биле издадени фалсификувани дозволи на 21 лице, додека еден случај останал во обид. Службеничката сега се соочува со 22 дела за фалсификување исправа, додека посредниците и корисниците на услугите се товарат за соизвршителство. Шестмина од пријавените клиенти ги употребиле лажните возачки дозволи при преминување на државната граница, а двајца ги искористиле за да добијат сертификати за професионална компетентност за возачи во меѓународниот превоз.

„За констатираните неправилности, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го извести Министерството за транспорт – Секторот за патен сообраќај и инфраструктура, со барање за вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати за професионална компетентност, како и за преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати и преземање соодветни мерки согласно закон“, изјавија од МВР.

Back to top button
Close