3 години и 6 месеци затвор за Jaнакиевски за „Сончев град“

Екс министерот Миле Јанакиески е осуден на казна затвор од 3 години и 6 месеци за случајот „Топлик“, односно за изградбата на „Сончев град“.

На три години затвор е осуден Томе Ѓурчилов, а останатите обвинети Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гачев и Веса Томчевска, добија условна казна од две години.

-Исто така се задолжуваат обвинетите да ја надоместат причинетата штета, истакна судијата Осман Шабани.

Предметот кој беше отворен од поранешното СЈО се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на населбата „Сончев град“ во Сопиште.

Петта пресуда за Јанакиески
Денешната пресуда е петта по ред која ја изрекува Основниот кривичен суд Скопје во случај во кој обвинет е поранешниот министер Миле Јанакиески. Од претходните четири, во две тој доби условна, а во две затворска казна. Пред судот, пак, во тек сè уште четири судски процеси

Три од случаите се во предмети кои ги отвори некогашното СЈО. Едниот е за предметот „Насилство во Центар“, пресуда која веќе е правосилна, и во неа ексминистерот беше осуден на условна затворска казна. Покрај него условни казни уште пет други лица, а поранешниот премиер беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор.

Другата условна казна, тој ја доби неодамна во предметот „Дизајн“ за набавката на кинеските двокатни автобуси за ЈСП. На 10 март годинава, на стартот на судскиот процес, Јанакиески и уште две обвинети признаа вина и добија условни казни од по две години затвор кои нема да се извршат доколку во наредните пет години не сторат ново кривично дело. Во случајот тие се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластување. Четвртиот обвинет, пратеникот Игор Јанушев, кој во тој период бил член на Комисијата за јавни набавки, не призна вина и за него судскиот процес продолжи.

Поранешниот министер призна вина и во „Титаник“ кој се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и 2014 и локалните во 2013 година. Но, таму Јанакиески доби затворска казна од 4 години и 6 месеци, која сè уште не е правосилна бидејќи неговата одбрана најверојатно ќе поднесе и жалба за висината на казната до Апелацискиот суд кој ќе треба да донесе одлука.

Покрај Јанакиески, вина во „Титаник“ признаа и ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, бившата заменик-министерка за правда, Билјана Бришковска-Бошковски, Мартин Протуѓер и уште четири лица. Јанкулоска доби неправосилна пресуда од 2 години и 6 месеци затвор, Бришковска-Бошковски и Протуѓер, пак, беа осудени со условна казна. Од останатите четворица, двајца добија затворски од 1 односно 3 години, а другите двајца условни.

Втората затворска казна, пак, поранешниот министер ја има во случајот познат во јавноста како „организаторите на 27 април“ што го отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за настаните од „крвавиот четврток“ во Собранието пред пет години. Таму тој неправосилно е осуден на 6 години и 3 месеци затвор. Пресудата од Кривичен беше донесена на 26 јули лани, но за жалбите кои беа поднесени, сè уште се чека изјаснување од Апелација. Покрај Јанакиески, со иста затворска казна од првостепениот суд осудени се и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, и ексминистерот Спиро Ристовски, додека бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски, доби 6 години затвор.

Против Јанакиески во тек се и судски процеси во случаите ТНТ, „Талир“, „Траекторија“ и „Шпански скали“.

Back to top button
Close