30 дена притвор за скопјанец за шверц на злато и пари

Против скопјанец, за кој постои основано сомневање дека сторил кривично дело „криумчарење“, Основното јавно обвинителство од Гевгелија, постапувајќи по кривична пријава од Царинската управа, донесе наредба за спроведување истражна постапка.

Како што информираат од Јавното обвинителство, осомничениот на 16 декември 2022 година, избегнувајќи ја царинската контрола преку царинската линија на граничниот премин „Богородица“, на излез од Република Северна Македонија, во автобус со турски регистарски ознаки, кој се движел на редовна линија Скопје – Истанбул (Турција), пренел непријавена стока од големи размери, во вкупен износ од 23 286 120 денари.

При детален преглед на автобусот, на левата страна од моторот во специјално направен бункер биле пронајдени 11 960 грама 14-каратен златен накит, спакуван во 23 пакувања, кој осомничениот не го пријавил на царинските работници, како и девизни средства – 262 500 американски долари и 154 000 евра сите во разни апоени спакувани во 16 пакувања.

Поради постоење опасност осомничениот да избега, определен му е притвор во траење од 30 дена.​

„Бидејќи постои опасност осомничениот да се даде во бегство, да ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и му определи притворска мерка во траење од 30 дена“,се наведува во соопштението. 

Од Царинската управа информираа дека стоката со вредност од вкупно околу еден милион евра и автобусот се привремено задржани и предадени на Одделението за истраги во Царинската управа за понатамошна истрага.

 

 

 

 

Back to top button
Close