Реџепи планира да остане пратеник на Беса и тврди дека партијата е сѐ уште во Владата

Реџепи рече дека добивал заканувачки пораки за својот живот, но на новинарските прашања не откри од кого се бидејќи, како што рече, ги пријавил и не сака да ја наруши истрагата

 

Јас сум пратеник на Беса и потпретседател на партијата и сè додека не се промени мојот статус ќе дејствувам така, рече пратеникот Кастриот Реџепи, кој во четвртокот оневозможи гласање недоверба на Владата.

Иако партискиот лидер Кастриот Реџепи во петокот објави дека го исклучува од партијата, Реџепи вели дека мора партиските органи да заседаваат за да се случи такво нешто и да добие одлука.

„Кажав дека го разбирам тоа дејствие, поради притисокот на структурите и сите емоции, но додека не добијам официјална одлука од партија дека сум исклучен, јас сум сè уште член, потпретседател, пратеник и координатор на групата пратеници од парламентот“,одговори Реџепи.

Тој кажа и дека ќе дејствува како дел од владејачката коалиција бидејќи, иако Беса соопшти дека излегува од Владата и министерот Аријанит Хоџа и двајцата заменик-министри поднесоа оставка, пратеникот тврди оти и за тоа е потребна одлука на Централниот одбор.

„Во моментов сме во коалиција со СДСМ, ДУИ и ДПА. Беса не е излезена од Владата бидејќи нема одлука. Не се излегува од влада ниту се влегува со изјава ниту со прес-конференција и фејсбук-статус. Знам кој е органот што одлучува. За склучување коалиции одлучува Централниот одбор“,рече Реџепи нагласувајќи дека кога ќе има одлука дека партијата не е дел од мнозинството тогаш тој ќе размисли.

Пратеникот рече дека со премиерот Зоран Заев бил во комуникација и претходно, а останува и понатаму. Како пример кога комуницирале го спомена моментот кога Заев соопшти дека ќе поднесе оставка, па Реџепи апелирал дека сега не е моментот.

Тој праша и зошто да не се почека до декември бидејќи, според него, сега е најизвесно дека во декември Северна Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ. Во прилог на својата теза тој ги напомена своите контакти со дипломатските претставници како меѓународен секретар на Беса, но и изјавите од европските лидери.

„Изјавата на претседателот Макрон, посетата и изјавата на холандскиот премиер Марк Руте и изјавите кои доаѓаат од Вашингтон за максималната ангажираност да се добие датум, најавената посета на Ескобар во декември. За мене денеска како никогаш порано е најизвесно дека во декември ќе добиеме датум. Тука се и вчерашните избори во Бугарија. Сите конци се споени, само една работа можеше да го наруши тој процес, а тоа е ние како претставници на народот да гласавме за интерпелација. Во таков случај, јас ќе ви потпишев дека немаше да добиеме датум“,рече Реџепи.

Пратеникот претходно кажа дека имал закани, добивал заканувачки пораки за својот живот, но на новинарските прашања не откри од кого се бидејќи, како што рече, ги пријавил и не сака да ја наруши истрагата.

Прес-конференцијата на Кастриот Реџепи предизвика голем медиумски интерес

„Ако имате повеќе прашања, викнете ме во вашиот медиум на интервју, на дебата… и ќе ви одговорам“,рече Реџепи откако 40-ина минути стоеше пред многубројните новинари кои пристигнаа во Собранието да ја проследат неговата прес-конференција.

Back to top button
Close