360° Чии „рачиња во медот“ фати Данела Арсовска?

Треба да се остави на надлежните институции, тие треба согласно нашите индиции по кои постапуваат по допрен глас, да си ги истражат процесите и да утврдат што и како имало, вели градоначалничката на Град Скопје во интервју за „360 степени“ за сомнежите за влијанија и местење на тендерот за изградба на прочистителна станица вреден 136,7 милиони евра

Данела Арсовска – градоначалничка на Град Скопје

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, не сака директно да каже на кого конкретно мисли кога вели дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ ги фатила „со рачињата во мед“.

360°: Обвинивте дека ги фативте кадрите на ВМРО-ДПМНЕ со рачињата во медот. Прво, имаше прашање зошто рачињата, не рацете итн., но должите одговор кого фативте со рачињата во медот? Не чувме три месеци.

Арсовска: Ние тоа што го имавме како информација, јас го споделив во тој момент со јавноста, меѓутоа, јас не сакам да бидам ниту судија, ниту обвинител, ниту е тоа мојата функција. Сами видовте, во ‘Водовод’ си влегоа институциите, отпочнаа со собирање на соодветната документација и тие се процесите. Јас верувам дека треба да се остави на надлежните институции, тие треба согласно нашите индиции, по коишто тие постапуваат по допрен глас, да си ги истражат процесите и да утврдат што и како имало. Она што е важно за нас е ние да не дозволиме да настане нешто што ќе биде на штета на Градот Скопје и на граѓаните.

Од вечерашното издание на „360 степени“

Турбулентниот период во Скопје почна со разрешувањата на директорот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, и секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски – и двајцата кадри на ВМРО-ДПМНЕ, поради, како што кажа во септември Арсовска, самоволие и сомнежи за влијание во милионскиот тендер за изградба на пречистителната станица во Скопје.

„Директорот на ‘Водовод’ не ги спроведуваше решенијата затоа што си имаше свои идеи, дека треба целата постапка да се тера без ниту основачот на ова претпријатие, а тоа е Градот Скопје, ниту Советот да има информација што се случува таму. Да, клаузули на доверливост има, меѓутоа ние сметавме дека овој процес треба да е потранспарентен и јавноста да биде запознаена со тоа што се прави. Ние сега со Министерството за животна средина и Јавното претпријатие работиме на заедничко решение со коешто овој проект треба да се реазлизира. Овој проект во ниту еден момент не бил загрозен“,

вели Арсовска и додава дека јавноста навремено ќе биде информирана за најповолниот понудувач.Таа тврди дека не фаворизирала ниедна фирма понудувач на тендерот и дека не сака да се занимава со политиканство. Уверува и дека меѓународните претставници знаат каде е сомнежот за корупција во случајот со пречистителната станица. Вели дека Градот Скопје немал информација кои се луѓето што аплицирале.

„Можев да бидам во комотна позиција и да седам и да молчам, меѓутоа, како што гледате, немам намера да седам и да молчам за нешто што сметам дека нема да донесе добробит на граѓаните. Доколку јас премолчев, до ден-денес ќе бев најдобар градоначалник што Скопје го видел. Јас излегувам од зона на комфор затоа што сакам добро за граѓаните“,кажа Арсовска.

Првиот човек на Град Скопје вели дека пречистителната станица е најголем еко-капитален проект за Скопје, со кој треба да се прочистат над 90 проценти од урбаните отпадни води во градот. Уверува дека ќе се реализира во најдобар интерес на граѓаните.

 

Back to top button
Close