360: Дали власта ќе остане со пратеник помалку – Миле Цеков од ЗНАМ вели дека останува доследен на ветеното во кампањата

Пратеникот на ЗНАМ, Миле Цеков, кој е дел од владејачкото мнозинство, во интевју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 не сакаше конкретно да одговори дали останува дел од пратеничката група на ЗНАМ.
Оваа дилема се отвори откако тој во Собранието имаше дискусија и гласаше во прилог на предлог-законот за минимална плата од 600 евра предложен од опозицискиот СДСМ.
Вели дека таквиот негов потег бил принципиелен.

Цеков го прашавме и за уставните измени за внесување на Бугарите и за пристапниот процес на Македонија во Европската Унија.
„Сите политичари од актуелното парламентарно мнозинство, од СДСМ, ВРЕДИ, ДУИ, па и лидерот на ЗНАМ, г-динот Максим Димитриевски, премиерот Христијан Мицкоски, сите имаат изјавено дека немаат против внесување на Бугарите во Уставот, впрочем и останатите етникуми како Црногорците и Хрватите, но без да се загрозат националните интереси. Впрочем, јас многу јасно ја кажав изјавата дека ние немаме информации сега што се случува во оснос на ЕУ-интегративните процеси, но мора да имаме јасен пат во однос на тие прашања, без да се загрозат идентитетските и националните прашања. Повторувам и сакам овој мој став многу јасно да биде прецизен дека сите политички партии имаат консензус околу ова прашање, но дилемата е како до таму“,рече Цеков.
За поинаквите ставови и чекори, Цеков рече дека имал реакции од раководството на ЗНАМ но, како што вели, тоа е дел од политичкиот процес.
„Јас останувам доследен на моите ставови што ги ветував во изборната кампања и оставам на времето да покаже какви се реакциите и дали различното мислење треба да биде слабост или треба да биде предност во демократијата“,
вели тој.
Со оглед на разликите во ставовите за важни прашања, го прашавме дали останува дел од ЗНАМ или во парламентот ќе дејствува независно, но Цеков не беше конкретен.
„Во моментов не можам да одговорам на ова прашање затоа што сметам дека за мене приоритет е да работам во интерес на граѓаните и да носам законски решенија што ќе бидат од полза за нив, а не тоа дали ќе останувам и тие шпекулации што се во моментов. Тоа е ирелевантно. Не е толку важно со да или не, важни се принципите и вредностите за кои сме се бореле и кои сме ги ветувале“,порача тој.
Повеќе од интервјуто со пратеникот Миле Цеков погледнете во видеото.






