360 Степени: Откуп на Кембриџ-учебници: Повисоки цени за државата, пониски во книжарница
Додека се протестира против најавените дигитални учебници пред вратите на Министерството за образование, зад нив се води „битка“ – колку пари ќе ја чинат државата постојните книги за основно и за средно образование, пренесува 360 Степени.
Дел од издавачите, меѓу кои и оние со најголема заработка од учебниците, „Арс Ламина“ и „Арбериа Дизајн“, годинава не почнаа преговори откако Министерството им побара доказ за авторски права и формула по која ја формираат цената за учебниците.
„Зошто ние ги бараме овие параметри? За да стигнеме до некоја позиција во која што тие не смеат да одат погоре, а ние не смееме подоле“,
вели министерката за образование и наука, Мила Царовска.
„За нашите изданија авторските права ги поседуваме ние, така да сами со себе договор немаме“,
вели Дарко Фидановски од Издавачката куќа „Арс Ламина“
Секоја година цената на учебниците се договара во преговори меѓу купувачот и продавачот. Апсурдно, најдовме примери дека издавач и продавал книги по речиси двојно оповисока цена на државата, отколку што ги продава во книжарница.
„Не знам ,треба да проверам што стои на нашиот сајт – може да е стар податок.“
вели Фидановски.
Неколку часа по ова интервју, цените се „испеглаа“ и онлајн и во книжарниците.
-Учебникот колку е?
-Па еве сега имаме нови цени…по 700.
–А зошто нови? Па не знам сега ми стигнаа, не знам ни јас.
ни рекоа на едно од продажните места.
Среда, 26 мај. Девет часот наутро во просториите на Министерството за образование пристигнуваат претставници на издавачки куќи. Тука се за преговори, бидејќи ова се деновите од годината кога државата купува учебници за основците и средношколците. Лани сметката беше 5,5 милиони евра.
За разлика од други набавки во кои за една работа може да се пријават повеќе фирми, тука постапката е поинаква. Секој ги продава само книгите за кои има авторски права, а за кои добиле одобрение од Министерството. За една книга, авторски права има само една издавачка куќа.
…