ОЈО го доби и ќе го „чешла“ извештајот на МВР за протечената снимка на Јутјуб од реферирањето на Димовски за Онишченко

Основното јавно обвинителство Скопје денеска го добило извештајот од истрагата на Министерството за внатрешни работи за безбедносниот пропуст кога аудио од рефирирањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски за случајот „Онишченко“ одеше во живо на собранискиот јутјуб-канал, иако седницата на Комисијата задолжена за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање беше затворена за јавност.

Оттаму на прашање на „360 степени“ велат дека извештајот ќе биде распределен кај надлежен јавен обвинител кој треба да ги проучи наводите во него.

Извештајот за кој покажувате интерес денеска пристигна во Основното јавно обвинителство Скопје. Ќе биде распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе ги проучи наводите и ќе ги направи неопходните проверки“,стои во одговорот од Обвинителството на нашите прашања.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера одговарајќи на новинарско прашање потврди дека извештајот е доставен до Собранието и до Јавното обвинителство, додавајќи дека Законодавниот дом и ЈО најверојатно ќе споделат информации во врска со него.

Засега, и покрај интересот на новинарите, од Собранието нема официјална потврда дали извештајот пристигнал во Законодавниот дом, кога оттаму ќе споделат информации со јавноста и дали и кога ќе продолжи седницата на Комисијата задолжена за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање.

Инаку, седницата Комисијата на која директорот на АНБ, Виктор Димовски реферираше за случајот „Онишченко“ сè уште не е завршена. Претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифингот со новинарите на 23 ноември потврди дека ја суспендирал седницата на Комисијата, додека не заврши истрагата на МВР.

Не исклучуваме ништо. Мора да знаеме како се случило тоа. Дали е случајно, дали станува збор за човечка грешка, дали некој прислушувал. Тоа ќе каже извештајот на МВР. Ова беше надвор од доменот на Собранието. Ние немаме капацитет да направиме стручен надзор во однос на техниката“,рече Џафери на брифингот.

Истрагата за безбедносниот пропуст, како што информираат од МВР ја водеше Секторот за компјутерски криминал при Министерството.

Секторот за компјутерски криминал при МВР го истражува инцидентот на јутјуб-каналот на Собранието, Џафери го чека исходот

Безбедносниот пропуст на собранискиот јутјуб-канал се случи на 18 ноември на седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, на која директорот на АНБ, Виктор Димовски, во реферираше за улогата на Агенцијата во случајот со додавањето државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко.

Имено, на јутјуб-каналот одела слика од пленарната сала, но и аудио од реферирањето на Димовски. Салата 4 каде што се одржува седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР беше испразнета, а собраниските служби ги заклучија вратите.

Безбедносниот пропуст се случи и покрај тоа што пред почетокот на седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, собраниското обезбедување побара од членовите на Комисијата да ги остават мобилните телефони и чантите пред салата 4 каде што се одржуваше седницата која беше затворена за јавност поради класифицираните информации, кои Димовски претходно најави дека ќе бидат дел од неговото излагање.

Back to top button
Close