48 Часа: Зошто сериските убијци во Македонија со децении наназад убиваат постари немоќни жени
Новата истрага во кумановско, каде 25-годишен осомничен од Старо Нагоричане се товари за убиство на постара жена, а институциите веќе испитуваат можна поврзаност и со други случаи, неизбежно ја враќа јавноста кон најмрачните страници од поновата криминална историја на Македонија, пишува 48Часа.

Моделот – ранлива жртва, напад во приватен дом и сомнеж за повторување – потсетува на шемите што ги видовме во случаите на Виктор Карамарков во Скопје, Владо Танески во Кичево и Марјанчо Велев во струмичко. Иако истрагата во Куманово допрва треба да ги даде конечните одговори, самата можност за серија повторно го отвора прашањето колку брзо системот препознава образец пред трагедијата да се повтори.
Во поновата македонска криминална историја ретки се случаите што можат јасно да се дефинираат како сериски убиства. Сепак, три имиња остануваат длабоко врежани во јавната меморија: Виктор Карамарков од Скопје и Владо Танески од Кичево. Секој од овие случаи има различен контекст, различна динамика и различен судски исход, но заедничко им е повторувањето на тешко насилство врз повеќе жртви и чувството на страв што го создадоа во заедницата.
Првиот случај што ја шокираше Македонија во поновото време беше серијата убиства во Скопје во 2009 година. Виктор Карамарков, тогаш млад човек во доцните дваесетти години, во период од март до октомври уби четири постари жени. Жртвите биле на возраст меѓу 69 и 83 години, а нападите се случувале во нивните домови. Според судските утврдувања, Карамарков ѕвонел на врата и барал помош или пари под изговор дека му се потребни за болната мајка. Откако ќе му отвореле, ги напаѓал со мала секира или со туп предмет, нанесувајќи смртоносни удари, по што одземал накит и вредности.
Полицијата ги поврзала убиствата преку сличниот профил на жртвите, начинот на извршување и трагите од местото на злосторството. Дополнително, неколку жени кои преживеале напади го опишале истиот модел на однесување. Карамарков беше уапсен на 27 октомври 2009 година. По судската постапка беше осуден на доживотен затвор за четири убиства и две убиства во обид. Случајот остана запаметен како еден од најбруталните во главниот град, со силен одек во јавноста поради фактот што жртвите биле стари и беспомошни.
Вториот случај доби и меѓународно внимание поради необичниот профил на осомничениот. Владо Танески беше новинар од Кичево кој известувал за серија убиства во својот град, а подоцна истрагата покажа дека токму тој стои зад дел од нив. Во периодот од 2004 до 2008 година беа убиени најмалку три жени, на возраст од околу 60 години. Жртвите биле врзувани, сексуално злоупотребувани и задушувани, а телата биле фрлани на различни локации.
Во јавните извори најчесто се наведуваат три жени како жртви, со напомена дека истрагата разгледувала и можност за четврта поврзаност.
…
Aнализата во целост прочитајте ја тука






