5 корисни факти за сезонските настинки
Многу луѓе во моментов страдаат од течење на носот или гребење во грлото. Како може да се избегне зараза и кои митови за настинката се само митови? DW подготвија еден преглед.
Постојат стотици различни видови вируси што можат да предизвикаат настинка. Затоа, без разлика колку пати сме биле настинати во животот, настинката секогаш нѐ стигнува повторно, особено во зима. Како можеме да се заштитиме од инфекција и што е точно, а што не, во врска со настинката, објаснуваат во продолжение:
Дали настинката доаѓа од студ?
Не, барем не самостојно. Основен предуслов за настинка се секогаш патогени, најчесто вируси, кои ја напаѓаат слузокожата на носот или грлото. Во студени услови тие полесно се размножуваат бидејќи се постабилни.
Кога ни е студено, нашето тело има послаба циркулација. Ако носот ни е студен, помалку одбранбени клетки, како што се белите крвни зрнца, стигнуваат таму. Затоа, студениот нос може да ја олесни настинката.
Исто така, сувиот воздух од грејните тела не ѝ одговара на нашата слузокожа – ја суши и прави поподложна на инфекции.
Студот може да има и други, покомплексни ефекти врз нашиот имунолошки систем. Сепак, не секогаш негативни: редовното изложување на студ, како на пример капење во студена вода, може дури и да го зајакне имунитетот.
Како можам да спречам настинка?
За да спречиме сушење на носната слузокожа и да ја намалиме подложноста на инфекции, важно е да ја одржуваме влажноста на воздухот – особено во спалната соба, каде што поминуваме многу часови. Еден од начините е да се стави сад со вода на радијаторот. Исто така, можеме да го користиме парењето од бањата и кујната или да сушиме влажна облека во просторијата.
Не треба да заборавиме на редовното проветрување за да ја одржиме рамнотежата на влажноста на воздухот и да ги исфрлиме евентуалните вируси.
Општите совети за здрав живот исто така помагаат во превенција на настинки: избегнување стрес, доволно сон, здрава исхрана и редовна физичка активност. Умерената физичка активност го зајакнува имунолошкиот систем, што резултира со поретки и поблаги болести. Исто така, поминувањето време на свеж воздух го подобрува имунолошкиот одговор.
Дополнително, избегнувањето контакт со болни луѓе и редовното миење раце помагаат во заштитата. Не треба непотребно да го допираме лицето за да спречиме внесување вируси во слузокожата.
Зошто дишните инфекции навечер изгледаат полошо?
Многу луѓе чувствуваат дека нивната настинка или грип се влошува навечер. Ова е поврзано со нашиот циркадијален ритам, односно внатрешниот биолошки часовник.
Од една страна, навечер сме уморни. Особено ако преку ден не сме се одмориле доволно, нашето тело е исцрпено.
Од друга страна, нивото на хормоните, како што е кортизолот, кој делува потиснувачки на имунитетот, е повисоко преку ден, а се намалува навечер. Бидејќи навечер имунолошкиот систем станува поактивен, можно е да се зголеми температурата.
Поради оваа зголемена активност на имунолошкиот систем навечер, наутро често се будиме со чувство на поголема исцрпеност.
Дали дополнителниот витамин Ц нѐ прави побрзо здрави?
Во повеќето случаи, не. Барем не ако започнеме да го земаме дури откако сме веќе настинати. Сепак, доколку се зема редовно во подолг временски период, витамин Ц може да ја скрати настинката за околу 8% кај возрасните, а 14% кај децата. Кај децата симптомите исто така се поблаги. Ова го покажало истражување на меѓународната научна мрежа Cochrane.
Исто така, кај луѓе кои се изложени на екстремни физички напори, редовното земање витамин Ц може да го намали ризикот од разболување за 50%.
Витаминот Ц се наоѓа во многу намирници, како што се пиперките, црните рибизли и магдоносот. Оние што редовно јадат овошје и зеленчук, како што се агруми, компири, домати, спанаќ и зелка, немаат потреба од дополнителни суплементи.
Додатоците со 1000 мг витамин Ц често се многу посилни од потребното. Германското здружение за исхрана препорачува околу 100 mg дневно. Сепак, вишокот витамин Ц ретко има несакани ефекти бидејќи се исфрла преку урината.
„Машка настинка“ – дали мажите навистина повеќе страдаат?
Јасно е дека машкиот и женскиот имунолошки систем се разликуваат, а женскиот е посилен.
Многу гени што се важни за имунолошкиот одговор се наоѓаат во Х-хромозомот. Жените имаат два, додека мажите само еден, заедно со дополнителен Y-хромозом. Покрај тоа, жените произведуваат повеќе од половите хормони како што е естрогенот, кој позитивно влијае на имуните клетки. Тестостеронот, кој кај мажите е во повисоки количини, може да го ослабне имунитетот.
Сепак, тоа не значи дека мажите имаат поблаги симптоми. Всушност, посилен имунолошки одговор може да предизвика и потешки симптоми, како што е висока температура.
Кај Ковид-19 се забележа дека повеќе мажи починаа од болеста отколку жени. Но, покрај биолошките фактори, можеби влијаеше и различниот начин на живот – мажите почесто пушат, пијат алкохол и поретко одат на лекар.
Останува отворено прашањето дали мажите и жените различно ги изразуваат симптомите и начинот на кој ја доживуваат болеста.