Средба Гаши – Фонтана во Рим: Почнувањето преговори со Северена Македонија треба да е повеќе од императив за ЕУ

Италија е посведочен пријател на Република Северна Македонија и поддржувач на нашата стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија, истакнал претседателот на законодавниот дом Африм Гаши на средбата со претседателот на Долниот Дом на Италијанската Република Лоренцо Фонтана, осврнувајќи се на двете резолуции усвоени во италијанскиот Дом на пратеници.

Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, Гаши искажал очекување дека Советот на ЕУ ќе даде јасен сигнал дека започнувањето на преговори со Република Северна Македонија треба да е повеќе од императив за Унијата, особено имајќи ги во вид фрагилните и деликатни геополитички состојби. Соработката меѓу двата Парламенти ја оцени како динамична, особено преку Протоколот за соработка кој ќе овозможи размена на искуства, надградба на знаењата и проширување на визиите за парламентарното работење. Несомнено, мост на поврзување меѓу двете држави е и бројната дијаспора во Италија која брои околу 100.000, која е добро етаблирана и ценета во Италија.

Во овој контекст, како што се наведува, Гаши ја подвлекол важноста од усвојување на Договорот за социјална сигурност од страна на Италија.

Претседателот на Домот на пратеници Фонтана ја потврдил поддршката на Италија за евроинтеграциите на Република Северна Македонија и подвлекол дека државата веќе направила големи компромиси на тој пат.

Искажал надеж дека вратите на Европската Унија ќе се отворат што поскоро затоа што членството во Унијата не е придобивка само за аспирантите туку и за самата Унија.

Во соопштението се посочува дека соговорниците се согласиле дека одлична политичка соработка, како и динамична економска соработка нуди простор за натамошно продлабочување и прширување во сите сфери од замен интерес. Во таа насока изградбата и последователниот развој на Паневропскиот Коридор VIII и вклучувањето во рамката за макро-регионална соработка на ЕУ треба да остане приоритет, како и вклучување во мрежите за интерконективност – инфраструктура, енергија, комуникации, кои се клучни за развојот на целиот регион на Западен Балкан.

 

На средбата со Фонтана присуствуваа и членовите на Пратеничка група на Собранието на РСМ за соработка со Парламентот на Италијанската Република пратениците Благица Ласовска, Димитар Ковачевски и  Мимоза Муса, како и генералната секретарка на Собранието Марина Димовска.

Во рамки на официјалната посета на Италија, Димовска оствари средба со Фабрицио Касталди, генерален секретар на Домот на пратеници на италијанскиот Парламент. Како што беше соопштено, Димовска истакнала дека македонското Собрание континуирано цели да го иновира своето работење согласно модерните текови и парламентарни стандарди, затоа што целта на раководството и Службата е Собранието да биде на ниво со парламентите со европските држави.

Димовска посочила дека денешната средба може да отвори ново поглавје на соработката меѓу службите на двата Законодавни дома, преку ефектуирање на Протоколот за соработка меѓу службите и размена на искуства и најдобри практики во заедничките сфери од интерес, како унапредување на законодавните процеси, дигитализацијата и примената на вештачката интелигенција во законодавните процеси.

Како што се наведува, Касталди рекол дека Протоколот за соработка е значаен и за Италијанскиот Парламент, особено затоа што ниту една парламентарна служба сама не може да се справи со сите предизвици, секоја служба, без разлика колку е стар парламентот треба да цели на унапредување на својата улога и професионалност преку комуникација и соработка со служба од други парламенти. Касталди предложи имплементацијата на Протоколот да биде по примерот на Протоколите кои Италијанскиот Парламент ги има потпишано со неколку европски парламенти.

Соговорниците се согласија дека преку конципирање и конкретизирање на активностите кои ќе започнат на ниво на служба во периодот кој следи, ќе се овозможи размена на искуства и експертиза,надградба на знаењата и проширување на институционалната меморија на службите кои се во линија со заложбите на Парламентарните служби успешно да се справат со секој предизвик во нивната работа.

Во Амбасадата на Република Северна Македонија во Рим синоќа беше организиран прием на кој се обрати претседателот на Собранието Гаши. На приемот присуствувале студенти и професори од Македонија, претставници од малите и средни бизниси, одбраната и безбедноста, религијата и општествениот живот во Италија. ев/са/

 

Back to top button
Close