7 те осомничени за делчевските ниви на распит во суд, за 6 мина се бара притвор

Во Основниот кривичен суд во Скопје трае распитот пред судија на претходна постапка по барањето од Обвинителството за определување на мерка притвор за шестмина од седуммината осомничени за измама во службата при купување парцели со намена за изградба на фотонапонски волтаици.

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрга против седумте лица во случајот со продажбата на ниви во Делчевско, а против кои вчера беа поднесени кривични пријави од страна на финансиската полиција.

Од седумте лица, како што наведуваат од ОЈО, за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – измама во службата, а другите петорица се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.

Од Обвинителството во образложението за оваа одлука велат дека во текот на 2021 година првоосомничениот и второосомничениот, кои биле во својство на управители – одговорни лица во правно лице, заеднички, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на управниот одбор на оштетено правно лице, а потоа и овластеното лице во правното лице да извршат незаконита исплата.

„Во постапка за купување на недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки и не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат. Притоа, намерно исклучиле дел од вработените лица кои поради нивната стручност било задолжително да бидат вклучени во постапката, а на дел од вработените им дале директни наредби и насоки за изготвување на ‘cost benefit’ анализи за исплатливоста на инвестицијата, вметнувајќи невистинити податоци и прикривајќи ја реалната состојба“,

велат од Обвинителството.
Врз основа на лажните податоци од анализите за исплатливост изготвени по наредба на двајцата осомничени, објаснуваат од ОЈО, купопродажбата била оценета како погодна, па на 15.09.2021 година надзорниот одбор на правното лице донел одлука – одобрение за купување на недвижниот имот.

Со тоа, додаваат, првоосомничениот и второосомничениот влијаеле да бидат одобрени изготвените невистинити анализи од страна на доминантниот акционер во компанијата и да се реализира инвестицијата за купување недвижен имот – вкупно 48 катастарски парцели во КО Делчево, КО Ветрен, КО Габрово и КО Берово од кои 29 биле во сопственост на останатите осомничени.

„Осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето“,објаснуваат од ОЈО.
Согласно Законот за урбанизација, додаваат од Обвинителството, дел од наведените катастарски парцели не ги исполнувале критериумите за пренамена од земјоделско во градежно земјиште. Дел од катастарските парцели, пак, не исполниле услов согласно објавените критериуми предвидени во јавниот објавен оглас за доделување на право на користење премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали објавен од страна на Министерството за економија, иако согласно одлуките на Надзорниот одбор и Управниот одбор на правното лице парцелите биле купувани токму со таа намена.

„Купопродажбата се реализирала со склучување на купопродажни договори помеѓу правното лице од една страна во својство на купувач и четвртоосомничениот, петоосомничениот, шестооосмничената и седмоосомничениот од друга страна во својство на продавачи. Третоосомничениот, пак, бил во постојан контакт со осомничените и помагал околу лоцирање на недвижностите“,додаваат оттаму.
Врз основа на склучените договори, додаваат од ОЈО, за земјоделското земјиште со вкупна проценета пазарна вредност од 2 146 723 денари, правното лице на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99 431 060 денари.

„Разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97 284 337 денари и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените“,посочуваат од Обвинителството.
Поради опасност за влијание врз сведоци, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за една осомничена се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење.

Back to top button
Close