70 отсто од македонските граѓани се склони да поверуваат во дезинформации
Дезинформациите и лажните вести се закана и негативно влијааат врз работата на медиумските професионалци. Со нивно ширење под закана доаѓа и изборниот процес. Во Северна Македонија, како насекаде во светот, е многу важно да се зајакне медиумската писменост, порача Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП (Програмата за развој на Обединетите нации) пред отворањето на дебатата „Демократијата на коцка: Справување со дезинформациите како ризик за изборниот процес“ што ја организираше УНДП.
До 70 проценти од македонските граѓани, рече тој, имаат тенденција да поверуваат во погрешни информации, без да го потврдат или верификуваат изворот на информација, за разлика од Финска, на пример, каде што тој процент е околу 10.
Оценувајќи ја важноста на оваа тема и поради изложеноста на граѓаните на Северна Македонија на дезинформации пред претстојните избори во земјата, сметале, рече, дека дебата за медиумската писменост и за справувањето со лажните вести и дезинформации, кои манипулираат со јавното мислење, е најдобар начин за одбележување на Меѓународниот ден на демократијата.
Григоријан порача дека силата на демократските процеси (ќе) зависи од информирано граѓанство кое е отпорно на дезинформации. Истакна дека заложбата на УНДП не завршува со денешната дебата туку ќе почне и проект „Прескокни ги дезинформациите“.
-УНДП одлучи да почне проект– иницијатива којашто ќе се стреми да се справи со лажните информации и дезинформациите. Во амбиент на руинирана медиумска околина, овој проект се труди да ги зајакне локалните заедници за да станат поотпорни на ширење на дезинформациите. Важно е овој проект да досегне и надвор од Скопје, рече Григоријан.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски изјави дека се работи за многу важна тема што го засега целото општество, но, пред сѐ, новинарите, затоа што ширењето на дезинформациите во последно време ја намалува и довербата кон новинарите и медиумите.
-Со дезинформации се среќаваме секојдневно, на секое ниво, некогаш ги препознаваме, некогаш не успеваме да ги препознаеме доволно и затоа е важно да се крене свеста и да станеме многу поспремни за следниот период кога оваа битка со дезинформациите може и треба да биде секојдневна, рече Чадиковски.
Смета дека во ера на брз проток на информации, особено на дигиталните платформи, медиумската професија се наоѓа „на критичен крстопат“ и затоа, рече, „не можеме да седиме и да набљудуваме немо што се случува таму некаде во облаците на дезинформациите“. Без разлика дали се намерни или ненамерни, рече Чадиковски, дезинформациите ја загрозуваат новинарската професија, довербата во медиумите, а имаат и опасна тенденција за поделба на луѓето, на различните групи во општеството.
-Мора да најдеме посилни и поефективни алатки во битката за разграничувањето што е информација, а што дезинформација. Затоа што постојано се движиме во поле каде што фактите може да бидат заматени, со вистините може да се манипулира, со полувистините може уште повеќе да се манипулира, а дезинформациите се шират брзо, некогаш многу побрзо од точните информации, рече претседателот на ЗНМ.
На панел-дискусијата, на која учествуваа новинари, аналитичари, активисти од оваа област, фокусот беше ставен на онлајн-медиумите, кои во трката за кликови и профит објавуваат непроверени информации за кои изворот се најчесто социјалните мрежи.
Новинарката Мери Јордановска, која работи онлајн-медиум, се согласува дека дезинформациите се најчести во онлајн-просторот и дека е тоа глобална појава.
-Тоа е информација која не можеш ниту да ја сопреш, ниту да ја демантираш, затоа што еден ја презема од друг, па потоа трет, тој понатаму си додава нешто итн. Интернет-просторот е апсолутно причина за ова, рече Јордановска.
Во оваа пригода таа изрази разочарување што онлајн-медиум, како што рече, „синоним за дезинформации кој ширеше сериозни информации и креираше лажни вести и осакатуваше луѓе“, и за чиј сопственик имаше судска пресуда и забрана за вршење дејност, од вчера повторно отворил портали со исти такви вести и со истото име, овојпат пререгистрирани во Велика Британија и Америка.
Новинарот Назим Рашиди кој работи во ТВ-медиум посочи дека, за разлика од онлајн-медиумите, класичните медиуми, особено телевизиите, имаат канали за верификација пред да објават каква било информација.
-Ова дава некаква гаранција дека, сепак, има некаква почит во класичните медиуми бидејќи е таков начинот на работа во која една информација мора да се провери. Меѓутоа, не дека и нас не нѐ засега тоа што се случува во онлајн-медиумите. Понекогаш и ние сме во трка да се има некоја информација што е крупна вест за нешто што се случува во моментот. Мора да трчаш и потоа да видиш дека тоа не е вистина – тоа е губење ресурси и губење време за верификација на други информации. Бидејќи социјалните медиуми креираат илузија на тоа што е вест, ние мора постојано да повторуваме дека новинарството е систем на вредности. Не е само слобода на говор, како што на социјалните медиуми се пишува што се сака, но новинарството е многу повеќе од тоа, нагласи Рашиди.
Комуникологот Сеад Џигал на панел-дискусијата посочи дека медиумите се важни како еден од столбовите на демократијата кои му овозможуваат на граѓанинот да биде активен. Во тој процес, рече тој, професионалните медиуми се суштинска компонента за да го снабдат граѓанинот со навремена, точна и прецизна информација со која тој ќе има увид во случувањата во општеството.
-Според сите истражувања во минатите десет години, ние, за жал, сме на дното од сите земји во Европа во однос на индексот на медиумска писменост. Колку ние и да водиме академски и стручни дебати, нашата општествена реалност е дека најголем дел од нашите граѓани кликаат на напис: „Ајфон за 114 денари“. Нам ни е неопходна медиумската писменост која не е доволно развиена и треба да се зацврстува во формалното образование, во граѓанскиот сектор, во работата на институциите, порача Џигал.