Политико- Во извештајот на Кос има пофалби за Албанија и Црна гора,охрабрување за Украина и Молдавија и многу помалку ентузијазам за С.Македонија и БиХ
Овогодинешниот пакет извештaи за напредокот кон проширување, што европската комесарка Марта Кос ќе го претстави утре ќе содржи пофалби за Црна Гора и Албанија, зборови на охрабрување за Украина и Молдавија и многу помалку ентузијазам кога станува збор за БиХ, Северна Македонија и, особено, Србија, пишува денеска бриселски „Политико“.
Кос, како што неодамна им изјави на новинарите во Брисел, ќе го претстави тоа како клучна геополитичка алатка за да покаже дека Унијата „всушност одговара на предизвиците низ цела Европа“. Според неа, помагањето на земјите на патот кон членство во ЕУ е начинот на кој Брисел може да се спротивстави на силите што сакаат да ја дестабилизираат Унијата. Извештајот, пишува „Политико“, ќе биде и можност за највисоките претставници на ЕК да разговараат за перспективите за „обединета Европа“.
Се очекува извештајот да ги пофали Црна Гора и Албанија, при што Црна Гора постигнува најголем напредок на патот кон ЕУ и се стреми кон членство во 2027 година. Во меѓувреме, се слушаат гласови дека е во тек изготвување договор за пристапување на Црна Гора, што ќе биде можност ЕК да презентира разни гаранции дека приемот на нови членки не носи ризици, на пример, со ставање на некои клучни права на глас, како што е ветото во надворешната политика, на чекање за одреден „пробен период“.
„Преодните периоди се принцип во новата генерација договори за пристапување“, рече Кос. Со лишување на новите членки од одредени права на глас за одреден период, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен сака да ги смири стравувањата дека проширувањето би можело да донесе „нов Орбан“ во Советот на ЕУ, што дополнително би ја намалило способноста на блокот да одлучува. Се очекува извештајот за Србија да биде најстрог. „Повеќе не можеме да дозволиме кандидатите да се кријат зад двосмислени позиции“, им рече Кос на француските пратеници, повторувајќи ги зборовите на фон дер Лајен, која побара од Србија да ги удвои напорите за приклучување кон ЕУ.
Кос утре треба да презентира „извештаи пред проширувањето“ со реформи што ЕУ треба да ги преземе пред следната рунда проширување, но тоа, како што рече еден дипломат на ЕУ, веројатно ќе биде одложено за неколку недели. Исто така, се наведува дека фон дер Лајен и Кос се решени да го задржат проширувањето високо на агендата и, доколку е потребно, со ограничувања како што е „фазен пристап“.
„Чувството од пред две години дека осум до девет земји одеднаш би можеле да се приклучат кон ЕУ за краток временски период некако исчезна“, рече еден дипломат на ЕУ за порталот во Брисел. Како што додаде, од една страна, Комисијата сака да „создаде морков“ за земјите кандидати, а од друга страна, членовите имаат прилично агресивен, цврст пристап и примаат само оние кои се навистина подготвени за членство во клубот. Исто така, се укажува дека земјите што се граничат со потенцијални нови членки се најскептични кон проширувањето.
„Политико“ заклучува дека, без оглед на оптимизмот на Комисијата за проширувањето, скептиците во Советот сметаат дека не брза премногу, иако бавното темпо на проширување создава фрустрации и простор за руско мешање.






