„На сите рацете ни се крвави зашто молчевме“: Адвокатот Јованов обвини дека ОЈО користи „ефект на пеперутка“ наместо докази

t

Бранителот на Митко Стојанов и Стојанчо Димитриев, Благој Јованов во судењето за случајот „Пулс“, го обвини ОЈО дека наместо докази користи „ефект на пеперутка“.

„Нема толку живот во кочани за да го истрпиме овој ужас, нема толку солзи да ги исплачеме овие невини души, во последниот период се изнагледавме како сите покажуваат кон системот како некоја лепрозна баба којашто треба преку ноќ да се претвори во самовила, но додека прстот не го свртиме кон нас се ќе биде залудно. Се изнаслушавме и изнагледавме гласноговорници за правда, за право, за закони, кои гледаат се само не си ги гледаат сопствените крвави раце. На сите рацете ни се крвави, моите се крвави затоа што молчев предолго за да не бидам исфрлен од судко-адвокатско-обвинителскиот клуб во којшто работите се прават отприлика добро и само понекогаш правилно.“ изјави Јованов.

„ЈО ни понуди теорија на случај во којшто доколку ја искористиме нивната аналогија на размислување и нивното правно резонирање со право ќе се запрашате каде беа 2012 година, зошто не гонеа за злоупотреба на службена положба, за несовесно работење на службата. Тоа е единствен самостоен орган кој гони сторители на кривични дела, врши истраги и постапува по допрен глас и според нивното резонирање доколку гонеле во 2012 можеби пожарот немало да се случи. Доколку истражиле фалсификувана исправа, можеби клубот немало да постои. Таквото размислување надвор од принципот на причинско-последична врска е правно неиздржано.“ – додава адвокатот.

„За случување на настан е задолжителна директна врска помеѓу сторувањето и несторувањето. Постои друг принцип, принцип на ефект на пеперутка, принцип на врзани садови кој се применува во физиката и не е применлив во правото. Тоа е принцип во кој определено сторување или несторување предизвикува настан, а наредниот настан зависи само од претходниот, не од главниот настан. Ќе се запрашате зошто овој принцип не се користи во правото. Затоа што римските правни сколарии коишто ја поставиле основата на причинско-последичната врска многу добро знаеле дека и разместување на некој од овие настани, дури и некое нивно исклучување може повторно да доведе до главниот настан.

Една таква теза имаме пред нас почитуван судски совет. Тоа е теза во којашто според теоријата на случај по принцип на врзани садови определено сторување или несторување, предизвикало настан којшто настан предизвикал друг настан, којшто на крајот наводно резултирал со настанот за којшто сме денеска тука.

Ова јасно докажува дека и на ОЈО им е јасно дека нема никаква директна причинско-последична врска помеѓу сторувањата и несторувањата и главниот настан.

Правните прашања коишто одбраната ќе ги докажува во врска со обвиентиот Митко, е фактот дека во периодот кога бил формален управител на правното лице не презел никакво правно дејствие ниту пропуштил некое задолжително сторување кое е во директна повраност со настанот.„ се изјасни Јованов.

Во делот на тоа дека е наведено дека е неспорно за ОЈО дека истиот до 2023 бил управител, а дека реновирањето е 2024 година, не сакам ни да навлегувам, истото ќе биде експлоатирано на главната расправа во делот на правните прашања што одбраната ќе ги докажува за Стојанчо Димитриев (обезбедување) е дека истиот постапувал соодветно и единствената кривица му е што денеска е жив. Сторил се што може.

Жално е тоа што сите покажуваме и се обидуваме меѓусебно да се победиме, а не гледаме што е проблемот, а проблемот е што сите правиме се отприлика добро, а никогаш правилно. Тоа постапување не доведе до осакатени екстремитети, но и до осакатени души за коишто нема протеза.

Тие луѓе не жалат за смртта бидејќи знаат дека е неизбежна, тие жалат за времето што им остана без нивните најблиски и што да правиме сега, каква правда да им дадеме. Аманетот на тие деца не е аманет на одмазда, тоа е очаен вресок којшто вели “престанете да ги правите работите отприлика добро, почнете да ги правите правилно“.

„Ајде почитувани да почнеме денес, да го направиме ова најправичното судење во Македонија. Видовитоста што ни ја дава нашата правна писменост ни става огромен товар и задача. а тоа е да го вклучиме нашето правно рацио, да го пронајдеме и истребиме секое сурово гранче од рувото на ова обвинение и тоа водејќи се од словото на законот, пред се од принципот на причинско-последична врска, бидејќи секакво друго постапување мотивирано од популизам, а не од порив за правилна примена на правото, не би било различно од судењето во Салем 1692 година и повторно би значело газење на аманетот дека ништо не научивме, а тоа е да почнеме да ги правиме работите правилно.“ – побара бранителот.

Back to top button
Close