КРИВИЧЕН РЕАГИРА НА ПРОТЕСТОТ: „Обвинетиот сам призна вина – пресудата не се менува со притисоци, туку на Апелација

​Основниот кривичен суд Скопје излезе со официјална реакција по повод најавениот протест на револтирани граѓани поради пресуда за сообраќајна несреќа со смртни последици. Од Судот порачуваат дека го почитуваат правото на протест, но потсетуваат дека пресудата е донесена врз база на законски институт – признание на вина.

​Судот појаснува дека висината на казната, која јавноста ја смета за мала, е директна последица на текот на постапката во која обвинетиот соработувал.

 

​„Признанието влијае на казната“

​Во соопштението се истакнува дека постапката била транспарентна и дека обвинетиот, во присуство на својот адвокат, доброволно го прифатил делото.

​„Истакнуваме дека пресудата е донесена во транспарентна постапка, каде обвинетиот, во присуство на својот бранител, доброволно ја призна вината. Признанието на вина е правен институт кој влијае на текот на постапката и одмерувањето на казната согласно Кривичниот законик“, велат од Кривичен.

 

​„Улицата не може да менува пресуди“

​Иако го признаваат правото на граѓаните да го искажат својот револт, од Судот се децидни дека јавните собири и обидите за притисок не смеат да влијаат врз независноста на судиите.

 

​„Судот одлучува исклучиво врз основа на докази и законски одредби. Изразување на незадоволство преку јавни собири е легитимно право, но било каков обид за притисок нема да влијае врз независното судско одлучување“, стои во реакцијата.

​Упатство до незадоволните страни

​Од Судот потсетуваат дека единствениот легален пат за преиспитување на судска одлука е жалбата до повисокиот суд (Апелација), а не протестот.

​На крајот, упатен е апел до учесниците на протестот за достоинствено и мирно однесување и почит кон институцијата.

Back to top button
Close