73 истражувања за стратешки минерали во Андалузија – Македонија има бакар, но новиот рудник сè уште го нема

Андалузија ја засилува потрагата по стратешки минерали. Во шпанскиот регион во моментов се реализираат 73 геолошки истражувања за 27 минерали кои се од значење за европската индустрија и стратешката автономија.

Рударството има значајна улога во економијата на Андалузија, која учествува со околу 90% од вредноста на металното рударство во Шпанија. Производството на метални руди надминува 1,2 милијарди евра годишно, а секторот обезбедува повеќе од 8.000 работни места.

Во Македонија, пак, рударскиот сектор се соочува со спротивен тренд. Повеќе од четири децении нема отворено нов рудник за метални суровини, додека бројот на вработени во секторот продолжува да се намалува.

Во исто време, земјава има потврден потенцијал за бакар во Иловица, каде е планиран проектот Иловица–Штука. Најавената почетна инвестиција изнесува околу 350 милиони евра, со план за вработување на 1.000 лица во фазата на изградба.

Во оперативната фаза се очекуваат околу 500 директни вработувања, додека индиректниот ефект би можел да достигне околу 2.700 работни места, со предвидена предност за локалното население.

Разликата е очигледна: Андалузија активно го бара новиот минерален потенцијал, додека Македонија сè уште не го активира ниту потенцијалот што веќе го има потврдено.

Додека кај нас се регистрираат негативни тенденции во рударството, покраинската влада во Андалузија информира дека се проучуваат вкупно педесет минерали, од кои 27 се на листата на критични суровини на ЕУ. Министерот за енергетика, индустрија и иновации, Хорхе Парадела тврди дека Андалузија е клучна рударска сила за иднината на Европа и дека реактивирањето на геолошките истражувања ја покажува посветеноста на властите во Андалузија кон уреден и планиран развој на нејзиното геолошко наследство.

Меѓу рудите коишто се испитуваат се бакарот, магнезиумот, бизмутот и арсенот, кои се неопходни за електрификацијата, електронската, автомобилската, челичната и фармацевтската индустрија. На нив им се придружуваат литиумот, кобалтот и никелот, клучни компоненти во батериите за електрични возила, како и ретките земни елементи, неопходни во ветерниците и електронските уреди. Регионалното министерство соопшти дека тие го усогласуваат регионот со европските политики за критични суровини, за да се намали надворешната зависност на Унијата.

73-те активни дозволи опфаќаат 80 општини и се распределени меѓу осумте провинции. Хуелва води со 38 дозволи, Севиља има дванаесет, Кордоба осум; Алмерија и Хаен по шест, а Кадиз, Гранада и Малага по една дозвола. Како што пишуваат локалните медиуми, оваа распределба ја потврдува важноста на Иберискиот пиритски појас, една од најголемите области во светот со полиметални масивни сулфиди.

Регионот веќе има два проекта класифицирани како стратешки проекти на Европската Унија и поддржани од Регионалното министерство. Едниот е „Циркулар-Атлантик Бакар“, кој ја позиционира општината Хуелва на чело на ископот на метали со поддршка од 7,6 милиони евра, а вториот проект е постројка за преработка на бакар „Лас Крусес“, со 3,44 милиони евра помош.

Како што додаваат локалните медиуми, рударството во покраината коегзистира со земјоделството и туризмот и придонесува во економијата како еден од најстабилните извори на приход во регионот, а сегашниот потенцијал лежи во откритието на нови резерви на бакар, литиум и ретки земни елементи. Според анализата, прашањето не е дали има недостаток на минерали, туку колку брзо секое откритие се трансформира во стабилен и еколошки здрав проект. Објавата надедува дека усогласувањето со Директивата за критични материјали на ЕУ, претставува за регионот историска можност за намалување на својата зависност од трети страни и да воспостави сопствена развиена индустрија.

Back to top button
Close