Инцидентот со пијаниот македонски амбасадор во Москва се случил пред 2 години!

Инцидентот со македонскиот амбасадор во Русија, Ненад Колев, кој во алкохолизирана состојба управувал дипломатско возило и направил судар, се случил пред 2 години, неофицијално дознава „Фокус“.
Како што велат добро упатени извори од Министерството за надворешни работи, симптоматично е тоа што информациите за овој случај излегуваат токму сега, во време кога, како што посочуваат, Македонија води стратешки дијалог со САД во Вашингтон.
Според овие извори, лиферувањето на вакви информации и фотографии во овој момент претставува смислена провокација кон земјава, каква што им се случила и на многу други држави, како на пример на Полска во 2023 година, кога полскиот амбасадор во Русија бил инволвиран во сличен инцидент.
-Ова е настан од пред 2 години, по средба на македонскиот амбасадор со други дипломати, но во јавност излегува сега првично преку француски твитер-профил, по што информацијата се презема од српски, руски и проруски медиуми – вели висок функционер во МНР, според кого целта е да се дискредитира македонската дипломатија и Македонија како држава.
Сепак, тој додава дека во рамки на Министерството се преземаат сите потребни активности согласно процедурите по обеделувањето на овие информации, односно, според нашиот соговорник, се побарало изјаснување на Колев, кој всушност го привршува амбасадорскиот мандат, така што мали се шансите да биде отповикан.
Откако повеќе медиуми во земјава, регионот и Русија, повикувајќи се на српскиот портал „Правда“, објавија дека македонскиот амбасадор во Руската Федерација Колев предизвикал инцидент во алкохолизирана состојба, се обративме и до македонската амбасада во Москва и до МНР, но се уште не сме добиле официјален одговор.
Имено, во српскиот портал „Правда“, кој е наследник на некогашниот истоимен весник, беше објавена колумна на авторот Петар Давидов насловена „Пијана дипломатија“, во која, меѓу другото, се пласира информација, заедно со фотографии од безбедносни камери, дека Колев бил пијан.
Во оваа колумна, каде доминира изразен проруски и антинато тон, Давидов пишува дека амбасадорот Колев конзумирал алкохол во московски бар, по што, при излегување надвор, се удрил во бандера, за на крај да се качи во службениот автомобил со дипломатски таблички, да сврти на 2 полни ленти и да се судри со друго возило.
„ Господин Колев морал да излезе од своето возило, а камерите повторно го забележале пијаниот дипломат додека се обидувал да ја одржи рамнотежата потпирајќи се на каросеријата на туѓиот автомобил“, пишува рускиот портал „Политнавигатор“, повикувајќи се на српска „Правда“.






