77-годишна скопјанка измамена за 150.000 денари од лажен доктор

Седумдесет и седумгодишна жена од Скопје била жртва на телефонска измама, при што била оштетена за 150.000 денари, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што соопштуваат од МВР, на 19 декември 2025 година во 13:40 часот во СВР Скопје, оштетената пријавила дека истиот ден била измамена од машко лице кое телефонски ја контактирало, претставувајќи се како доктор.
Според пријавеното, лицето ѝ соопштило дека нејзината ќерка наводно паднала и се повредила додека ги шетала кучињата и дека итно било потребно да се изврши операција, за што требало да се обезбедат пари. Измамникот ја убедил жената да ги остави парите на договорено место.
Откако подоцна се слушнала со својата ќерка и утврдила дека таа е добро и дека не била повредена, жената сфатила дека станува збор за измама и го пријавила случајот во полиција.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и апелираат граѓаните, особено повозрасните лица, да бидат внимателни и да не наседнуваат на ваков тип измами.






