80:20?

или Негативна селекција

(1)

Прв пат се сомневам во една „дијагноза“ на професорот Чепреганов, кого исклучително го почитувам, инаку искажана за оној сооднос од 80:20 проценти од населението кои нешто почитуваат. Мислам дека професорот згреши: сакаше да каже дека реалниот сооднос е 20:80! Ама се уплаши. И имам објаснување за мојот сомнеж и неговиот „страв“. Професорот е човек од „старата гарда“, не сака премногу да не’ вознемирува, кон пациентите/нас пристапува одмерено и со почит. Ако го кажеше вистинскиот сооднос… Сакал малку да не’ утеши, де! (А за да немаме натамошни недоразбирања, јас не се сместувам себеси во оние 20%).

Меѓутоа, нам не ни требаат дури ни такви стручни толкувања на сето ова што се случува околу нас. Доволно да ги погледнете медиумите, социјалните мрежи, настапите на поединци од власта… Тоа е слика и прилика на милјето што не’ опкружува долго време – не само во овие пандемиски месеци – тоа е огледало на состојбите во државата. Има тука свој придонес и повтореново вехементно ширење на пандемијата, неуспешното справување со истото, мерките што не се превземаат или не се почитуваат итн. Ама, актуелната пандемија, со сета должна почит кон жртвите, е само незначаен дел од сето она што и’ се случува на оваа држава повеќе од три децении. А сега изгледа го доживува пикот! И никого глава не го боли за тоа! Оваа (да се надеваме) краткотрајна епизода – повторно: со (непотребни?) жртви – ќе помине, (за жал) за многумина лошо, никој утре нема да го постави прашањето на објективна и субјективна одговорност, повторно најодговорен ќе биде граѓанинот кого нема кој да го одбрани, секој ќе го тепа по глава или ќе му лепи шамари, ќе му кажува како токму тој е глуп и заради него се случува ова што се случува, дека тој е недисциплиниран и со некаков марсовски менталитет… Во тотално неодговорна држава, што можат да направат оние 20%? Па дури и да се 50%? Ништо, а ние сме жив пример за тоа! Кон трите фамозни наши „не“ – незнаење, неспособност и несакање да се работи – се придружува со сета сила и четвртото (иако ги има уште многу!) викано неодговорност.

Оние навистина одговорнине, оние кои власта/државата ги поставила да ги решаваат а не да ги создаваат проблемите, повторно ќе излегуваат пред медиумите и ќе ни говорат за статистики но не и за нивната лична и групна одговорност, никој нема да спомне збор-два за притисоците што ги имале (ако ги имале), за присутното очигледно политикантство, медиумите ќе тераат со својата партиска пропаганда – секој според својата ориентација (ама и неукост, за жал); Комисијата за заразни болести ќе предлага мерки коишто Владата нема да ги прифаќа, ние ќе се смееме и ќе се крстиме, ама тие и понатаму ќе си седат во фотелјите без некој да го спомне зборот оставка; оние шутраци од опозицијата ќе се кријат по меани и ќе се вадат дека не биле запознаени со најновите протоколи зашто истите често се менувале (sic!), настојчиво ќе поттикнуваат недисциплина и хаос, ќе лажат и подметнуваат само да се спасат од избори… а ние повторно ќе се смееме и ќе се крстиме, иако неверници, нели. И сите као – разочарани!

И се’ така ќе тече ама генералниот проблем ќе остане. А тој генерален проблем не може да се опфати со еден збор којшто би ги опфатил сите наши „не“. Таков инклузивен поим светот се’ уште не измислил, ама ние го практикуваме, секој ден, 24/7.

И овде (кажано со актуелниот пандемиски речник) нема т.н. кластери коишто би можеле да ги лоцирате па и изолирате, тука не помага ни полициски час ниту пак други растриктивни мерки. Нашиот генерален (безимен) проблем е вткаен во сите општествени и системски пори, на сите нивои на власта, во реалниот сектор… секаде кадешто допира долгата рака на државата, а таа допира – буквално секаде. И не само што допира туку цврсто го држи системот во железна прегратка. И никој не пушта глас! На МАНУ не и пречи што дотичната „поетеса“ со години сее омраза во етерот – од таму ни да писнат. До кога ќе молчи МАНУ за идиотштините на нејзините членови? Ни МПЦ и ИВЗ воопшто не се возбудуваат што станаа најголемите пандемиски кластери во државава, а едновремено и недопирливи за законите што важат за сите. Во својата тотална неукост и непрофесионалност, медиумите – со мали, чесни исклучоци, повеќе персонални отколку институционални – прераснаа во еден од најригидните сегменти во државава, на коишто таа иста држава продолжува така беневолентно да им ги дели нашите пари како да не знае што да прави со нив. И последниот простачко силеџиски пример со оној главен и (не)одговорен уредник на Телма е само уште пример за дното што го допре македонската медиумска сфера, а за кое нешто, повторно, никој од надлежните не реагира. Ако пак ги заслушате оние тутурутки наречени новинари кои си земаат за слобода да поставуваат „сериозни“ прашања за состојбите во државава, нештата стануваат запрепастувачки – од некултурен, неук, непристоен, провинцијален… аспект!

Што пак никако не го оправдува личниот/субјективниот настап на д-р Караџовски на последната прес конференција, кој не е повикан таму да се расправа со „новинари“ и да ни раскажува свои лични приказни туку да информира за состојбите и за мерките што ќе ги превземе државата!

Но, и д-р Караџовски, како и проф. Чепреганов, се послужи со некакви илустративни проценти велејќи дека (парафразирам) 20% од населението не ги сфаќа надлежните озбилно? Јас, повторно, би полемизирал и би рекол дека и овде процентот е обратен односно дека 80% од населението не ги сфаќа надлежните озбилно. Но, она на што никој не се обидува да одговори е: на што се должи тоа? Зошто големи проценти не ја сфаќаат озбилно државата и нејзините мерки? Тоа е вистинското прашање и тоа би бил вистинскиот одговор во ова време. Зашто, ако оваа држава, преку луѓето надлежни да ги решаваат а не да ги создаваат проблемите, навистина работи посветено и сериозно, оваа состојба не ќе беше ваква. Ако во оваа држава се почитуваат стручноста, компетентноста, знаењето, посветеноста, одговорноста… процентите на доверба секако би биле поинакви. Но, ако се’ уште владее принципот на негативна селекција којшто не’ следи веќе три децении…

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close