Отворена детска инсталација во Ново Лисиче

Во Ново Лисиче денеска беше отворена просторната едукативна инсталација наречена „Паркот на книгата“ која е наменета за најмладите. На пуштањето во употреба присуствуваа градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

– Станува збор за едукативна инсталација која има за цел кај децата уште во најрана возраст, на еден забавен начин, низ игра да развие интерес и љубов за книгите. Инсталацијата во основа претставува џиновската книга која лесно може да биде забележана од секое дете и треба да побуди интерес за светот на книгите кој за децата секогаш е полн со приказни. Мини уличната библиотеката која е дел од инсталацијата овозможува децата да можат да ги разменуваат книгите кои веќе ги прочитале. Тие ќе можат да се запознаат со голем број на поставени книги, но и да ги донесат своите и да ги споделат со нивните другари. За најмалите на основата е запишана азбуката кирилица која ќе им помогне побрзо и на забавен начин да ги научат буквите, појасни Шилегов.

Запишани се и неколку изрази на англиски и една математичка равенка и сето тоа е изведено со многу бои, многу разновидно шаренило кое е привлечно и забавно за децата. Самата основа преку бои е поделена на четири делови кои всушност претставуваат книги наредени на полица.

– Ова е првата едукативна инсталација во просторот предвидена за оваа година во Програмата за култура на Град Скопје за која од буџетот се издвоени околу 1,7 милиони денари со пресметан ДДВ. За оваа година предвидено е пуштање во употреба на уште една ваква инсталација во населбата Драчево која ќе ја промовираме во текот на овој месец, посочи Шилегов.

Back to top button
Close