ОТКРОВЕНИЈА

Овие девет месеци во кои сме целосно ставени во неизвесност, исчекување и најбитно, наоѓање на најсоодветни решенија за излез од оваа светска криза предизвикана со ширењето на последната чума со која го контаминираа целиот свет, сакале или не ја идентификуваме со најнепосакуваниот термин – како вистинска „биолошка војна„. И познато од секогаш, секој вид на војна ги носи своите најнепосакувани последици, жртви и потреба целосно да се менува организацијата и начинот на живот. Но еднакво секој вид војна на никаков начин не ги дистанцира творците од нивните творечки простори и потреба да ги изразат своите најинтимни чувства преку одбраните сфери на творење.

Музиката, која од секогаш спаѓала меѓу највозвишените сфери на творењето, со сите свои можности успевала да ги носи миговите на олеснување, на онаа катарза што вообичаено може индивидуално или колективно да ослободува групи луѓе, народи па и цел еден поголем животен простор од тескобноста, но пред сѐ стравот, што вообиачено ги осоздаваат сите форми на конфликти, особено војните.

Во рамките на овогодишниот ОФФест, што веќе  скоро две децении извонредно го организира  господинот Оливер Белопета, и во овој период потврдува дека музичките настани и музиката сама по себе не ги познава границите, ниту пак може да биде затворена во кафез од кој не ќе може никогаш да стигине до својата вистинска публика.

Во седмиот ден од овој ноември на критичнава 2020 година, имавме можност, задоволство и едно посебно доживување со   Добрила и Дориан Дуо дел од веќе добро познатата музичка група Чалгија Саунд Систем.  Што нѝ понудија тие во своето скоро едночасовно изведување на сосема нов избор на песни и еден извонредно совремерн заеднички аранжман?

Во овој состав, каде на централно место беше ставен  секако кристалниот вокал на Добрила Грашевска  која од бројните македонски традиционални песни (изворни и чалгиски) направи избор специјално подготвен за оваа прилика и со сосема нов аранжман и визија како може традиционалната музика да се осовременува за да се направи поблиска до модерноста. Не само што ги откри своите вокални капацитети, туку понуди музичка форма која сосема лесно може да прерасне во еден нов пристап кон традиционална. Присуството на  утот во изведба на Дориан Јовановиќ  беше  единствената инструментална придружба и поткрепа за целиот настан, но еднакво значаен за да целиот настап ја добие формата на едно вистинско современо откровение. Она отрковение што обично го среќаваме во терминологијата на религиите, но кое без тешкотија или загадочност може сосема лесно да се примени и во творењето на музиката, па секако и другите уметнички творечки форми. И да дојдеме до еден многу убав, чинам дури и неопходен  заклучок –  дека предаденоста во секоја форма на творење дури и како може да доведе до состојбите на ОТКРОВЕНИЕ – како чекор напред кон сопственото самоосвествување на патот низ животот.

            Успешноста на настанот на самиот концерт не зависеше воопшто од бројноста на публиката, иако изненадувачки за актуелната ситуација, таа беше многу побројна од очекуваното. Сѐ беше оставено на  извонредните и ретко повторливи вокални можности на Добрила Грашевска и Дориан Јовановиќ и извонредниот зеднички аранжман и новиот начин на претставување на нашата музичка традиција. Секако дека за успехот на целиот концерт  дури и како беше значајна и умешноста не тонскиот мајстор Ивица Јанкуловски кој едночасовниот коннцерт го водеше со извонредна сетилност и познавања.

Билјана З.Билјановска

Back to top button
Close