Промовирана книгата „Ние наспроти другите: Симболички поделби во Северна Македонија“

Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) денеска одржа онлајн промоција на книгата „Ние наспроти другите: Симболички поделби во Северна Македонија“, во уредништво на Јован Близнаковски и Петар Тодоров, а со авторски поглавја на Ивана Хаџиевска, Дарко Леитнер-Стојанов, Петар Тодоров, Димитар Николовски, Јован Близнаковски, Јана Коцевска и Ана Мишковска Кајевска.
– Симболичките поделби, сфатени како идеи кои индивидуите и групите ги преземаат за да ја артикулираат блискоста и другоста со останатите индивидуи и групи, имаат особено долга традиција на истражување во општествените науки и хуманистиката. Книгата „Ние наспроти другите: Симболички поделби во Северна Македонија“ се надоврзува на оваа традиција, но емпириски се фокусира на поделбите артикулирани од македонската етничка заедница во периодот од либерално-демократската трансформација на почетокот на 1990-ите до денес, наведоа од ЦИНИК.
Тие, посочија дека во книгата, седум автори покриваат различни тематски аспекти на симболичките поделби.
– Во воведното поглавје, Јован Близнаковски и Петар Тодоров ги сумираат наодите од засебните поглавја, нудејќи преглед на симболичките поделби идентификувани од авторите. Во своето поглавје, Ивана Хаџиевска се фокусира на културните и религиските линии на раздвојување на Македонците, додека Дарко Леитнер-Стојанов и Петар Тодоров ги разгледуваат историските наративи застапени во јавната сфера и во учебниците по историја за основното образование како дополнителен генератор на симболички поделби, истакнаа од ЦИНИК.
Оттаму образложија дека поглавјата на Димитар Николовски и Јован Близнаковски ги разгледуваат симболичките поделби во политиката, при што Николовски се фокусира на внатремакедонските симболички поделби, а Близнаковски на поделбите меѓу Македонците и Албанците. Во своето поглавје, како што појаснија, Јана Коцевска го разгледува идеалот за македонското семејство и родовите односи како основа за поделби во современото македонско општество, додека книгата е заклучена со поглавјето на Ана Мишковска Кајевска која се фокусира на симболичките поделби артикулирани во време на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
– Структуирана на овој начин, книгата е корисна не само за истражувачите од општествените науки и хуманистиката, туку и за специјалистите и експертите кои работат на горенаведените области и се фокусирани кон идеалот на подигнување на општествената кохезија во Република Северна Македонија. Истражувањата во книгата ја покажуваат важноста на симболичките аспекти на општествените поделби за постигнување на одржлив мир и благосостојба во современите општества. Се надеваме дека резултатите од истражувањата објавени во книгата ќе придонесат за подобро разбирање на нашето општество, како и на прашањата и проблемите кои е потребно да се адресираат со цел градење на кохезивно и демократско општество, потенцираа од ЦИНИК.
Имено, книгата е достапна без надомест во електронска и печатена форма. Електронската верзија може да се најде на веб-страницата на ЦИНИК: https://cinikskopje.wordpress.
Подготовката и издавањето на книгата, како и промоцијата, се поддржани од Фондацијата „Хајнрих Бел“ канцеларија за Босна и Херцеговина, Албанија и Северна Македонија.






